Виножито: Каде исчезнаа Македонците во Грција?
Лерин
Доколку етнички Македонци „не постојат“ ниту во Грција, ниту надвор од неа, би сакале да ги прашаме сите грчки политичари и медиуми... за кого грчката држава во 1925 година го издаде букварот на македонски јазик „Абецедар... кои се оние лица кои во официјалните пописи во Грција до 1951 година се попишувани под графите „Македофони“, „Славофонски Македонци“, „Словени“ или „не-Грци“ и што се случило со нив по таа година.
Ова е дел од вчерашната реакција на Виножито, политичка партија околу која гравитира македонското малцинство во Грција испровоцирана од серија изјави на истакнати грчки политичари во кои се негира постоењето на Македонците во Грција, само поради тоа што висок македонски претставник „се осмели“ официјално да го актуализира табу-прашањето за етничкото македонско малцинство во Грција.
Дали е можно тие „да не постојат повеќе“ како што пред неколку години изјави поранешниот министер Пангалос, се вели во соопштението во кое се наведени прашањата: Ако тие не постојат, каде всушност „исчезнаа“? Ако се уште постојат, зошто тогаш Грција постојано тврди дека се „непостојни“, кога некој ќе го актуализира ова прашање? Зошто во 60-те години на минатиот век населението на цели села било присилувано да се заколне дека ќе престане да го користи „проклетиот словенски идиом“.
Од партијата, исто така, прашуваат со кое оправдување Грција во 1982 година дозволи репатријација само на политичките бегалци кои се „Грци по род“, со што им е скратено правото на враќање во родните места на оние кои „не се Грци по род“, како и зошто грчките власти создадоа цел механизам за ги спречат овие лица да патуваат во земјата. Виножито прашува и зошто Грција веќе 18 години одбива да ја регистрира културната асоцијација „Дом на македонската култура“, игнорирајќи ги одлуките на Европскиот суд за човекови права, како и зошто грчките власти одбиваат во пописите да воведат графи за етнички и јазични малцинства.
На крајот се изразува загриженост што грчките официјални претставници за „провокативни“, „срамни“, „клеветнички“ или „покренати по наредба на непознат патрон“ го сметаат актуализирањето на македонското прашање и она за репатријацијата на македонските политички бегалци. (Н.Р.)
|