Банката на Америка ќе укине 7.500 работни места
Намалувањето на работните места ќе се случи во наредните две години на неколку локации низ земјата
ШАРЛОТ - Банката на Америка соопшти дека ќе укине околу 7.500 работни места откако ќе заврши купувањето на хипотекарниот заемодавец, корпорацијата „Кантривајд фајненшел“. Укинувањето на работните места опфаќа околу 12,5 отсто од хипотеките на здружените компании, домашниот акционерски капитал и бизнисот со осигурување, откако ќе биде комплетирано купувањето.
Банката со седиште во Шарлот соопшти дека намалувањето на работните места ќе се случи во наредните две години на локации низ земјата „на места каде што двете компании значително се преклопуваат“. Компанијата ќе започне да ги известува вработените во третиот квартал. Се очекува Банката на Америка да го склучи договорот на 1 јули, со оглед на тоа што доби зелено светло од акционерите на „Кантривајд“. Договорот кој во јануари имаше вредност од 4 милијарди долари, сега има вредност од околу 2,8 милијарди долари, што е одраз на опаѓањето на цената на акциите на Банка на Америка во последните шест месеци.
На почетокот на месецот Банката на федерални резерви го расчисти теренот за купување, така што Банката на Америка ќе добие контрола од 20 до 25 проценти од домашниот пазар на заеми.
„Кантривајд“ беше најголемиот хипотекарен заемодавец во земјата пред да пропадне бизнисот поради неисплатени заеми. Се' поголемата рецесија на пазарот на домување и продлабочената кредитна криза оттогаш создадоа големи загуби. „Кантривајд“ загуби околу 1,6 милијарди долари во последните шест месеци од 2007 година и уште 893 милиони долари во првиот квартал од годинава. Исто така, се соочува со бројни истраги и тужби поврзани со практиките на зајмување. Меѓу другите, тука се и двата случаја во кои „Кантривајд“ се обвинува за систематско измамување на зајмувачите, со цел да ги натераат да преземат ризични заеми кои всушност не можат да си ги дозволат, при што претседателот и главниот извршен претставник Ангело Мозило се јавува како обвинет. Калифорнија и Илиноис бараат отштетување и „Кантривајд“ да плати надомест на зајмувачите кои ги загубиле домовите или заемите.
Инвеститорите се загрижени дека натамошни влошувања на пазарот на хипотеките, со оглед на престапите со заемите и порастот на неизвршување на паричните обврски, би можело да ја отежне состојбата за Банката на Америка да управува со заемите на „Кантривајд“. Тоа би можело да доведе до скапи отпишувања и да им наштети на профитите на Банка на Америка. (Асошиетед прес) |