Земјите од Западен Балкан се соочуваат со енергетски недостиг
Кризата на подрачјето на Западен Балкан следува по војните на просторот на поранешна Југославија
Париз - Меѓународната агенција за енергија соопшти дека секој шести жител на Западен Балкан се соочува со „енергетски недостиг“.
Агенцијата во најновиот извештај објавен во Париз, каде што се наоѓа седиштето на оваа меѓународна организација, наведува дека енергетската криза на подрачјето на Западен Балкан следува по војните на просторот на поранешна Југославија во текот на минатата деценија.
Во студијата насловена „Енергијата на Западниот Балкан: пат кон реформи и обнова“ Меѓународната агенција за енергија укажува на потребата за брза обнова на постојните и изработка на нови електроенергетски постројки во регионот.
Реформите можат да помогнат да се диверзификуваат залихите со енергетски ресурси во многу земји од Западен Балкан кои, како што се наведува во анализата, ја почнаа подоцна обновата на енергетскиот сектор отколку другите држави во Југоисточна Европа.
Меѓународната агенција за енергија во студијата укажува на значително поголема енергетска потрошувачка во земјите од Западен Балкан во однос на стандардите на Европската унија и Организацијата за економска соработка и развој.
Во студијата се вели дека Западен Балкан може да има „важна улога“ во реализацијата на новите проекти за транспорт на нафта и природен гас од регионот на Каспиското Море и Блискиот Исток во Европа.
Во анализата, која претходно ја објави Светска банка, се наведува дека земјите од Западен Балкан и другите делови од Југоисточна Европа, исклучувајќи ја Унгарија, мора до крајот на наредната деценија да инвестираат околу 9,5 милијарди евра во изградба на нови енергетски објекти, плус 5,8 милијарди евра за реконструкција на постојните производствени капацитети.
Светска банка, повикувајќи се на мислењето на енергетските експерти, во анализата оценува дека регионот на Западен Балкан, но и цела Југоисточна Европа во текот на наредните пет години постојано ќе се соочува со недостиг и поскапување на електричната енергија. (МИА) |