Замена на старите бараки на ОУ „Димо Хаџи Димов“
Општината планира новото училиште да го гради според принципот на јавно-приватно партнерство
Атрактивен и мултифункционален ќе биде новиот објект на училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае, што планира в година да го гради Општина Карпош. Петте дотраени бараки е предвидено да се заменат со нова училишна зграда на два ката, која ќе се гради врз основа на идејно решение на професорката Зорица Блажевска од Архитектонскиот факултет, а беше избрано за најуспешно на конкурсот на кој биле пријавени девет проекти.
Комисијата заклучила дека решението на Блажевска е атрактивно, мултифункционално и ги задоволувало бараните критериуми. Идејното решение предвидува во објектот да има кујна со трпезарија, спортска сала, канцеларии и кабинети, училници за целодневна и за редовна настава, библиотека, аула и влезен хол. Според објаснувањето од Комисијата, во објектот нема класично коридорско оформување на секторите со училници и овозможува да се оформат атрактивни повеќенаменски простори. Начинот на кој бил позициониран објектот, а претставува лентовидна композиција на училници и коридори, овозможувал во неговата внатрешност да се направат зелени површини.
Освен избраниот проект за новиот објект на едно од најстарите училишта во Карпош, од општината немаат преземено други конкретни активности за негова реализација. Иако се' уште немаат проекција колку би ги чинела изградбата, општинарите напоменуваат дека за таа намена ќе издвојат одредена сума од буџетот за 2009 година. Додаваат оти постои опција училиштето да се гради според принципот на јавно-приватно партнерство. (Дс.Т.) |