Пешаците жртва на сообраќајниот хаос
Александар Тасевски, Скопје
Сообраќајниот хаос во Скопје е реалност со која се согласуваат најголемиот број граѓани, како за ниедна друга вистина.
И покрај вака единствениот став на граѓаните, загрижувачка е маргинализацијата на овој проблем и индиферентноста на надлежните служби на сите нивоа, кои ништо не преземаат да се ублажи овој хаос, во подносливи граници. Верувам дека Скопје не е град со најмалку улици и тротоари и со најмногу возила по жител за да се создаде ваков хаос, што значи проблемот не е само во недостаток во инфраструктурата, туку и во одржување ред и дисциплина во сообраќајот и почитување на урбанистичките прописи за градба за обезбедување минимум паркинг-места.
За изградба на нови улици, паркинзи, тротоари, велосипедски патеки, не би коментирал зашто надлежните имаат дежурен одговор - нема пари. А имаат пари за доградба на стадион, кој и без тоа е сенишно празен, едно чудо музеи, рекламирање, кампањска изградба на споменици, „Влајко“, пешачкиот мост кај Лепенец и многу што друго.
Веројатно сите ќе се согласат дека во тесен простор во кој владее неред, движењето и работењето во него ќе биде отежнато или оневозможено, за разлика кога истиот тој простор би бил среден според потребите за кои е наменет. Поради тоа, апелирам до сите служби што се задолжени за користење на јавниот простор и за регулирање на сообраќајот да излезат во градот, да создадат ред и да го олеснат и да го обезбедат движењето на сите учесници во сообраќајот. Поради ваквата состојба, сега се случуваат бројни несреќи, често со жртви и големи материјални штети, стресни ситуации, кавги меѓу граѓаните кои завршуваат со навреди, тепачки, па и убиства. Во сите вакви случаи вината е исклучиво на учесниците, а никогаш на оние што се задолжени да воспостават ред и да ги заштитат граѓаните од прекршителите на редот и прописите. Како проблем број еден, кој итно треба да се реши, е одвојување на пешаците и велосипедистите од моторниот сообраќај. Сега сите тротоари се претворени во паркинзи, а пошироките и како сервисни улици. Возилата се оставаат буквално насекаде, без каков било ред – хаотично, заземајќи многу повеќе од потребниот простор, така што пешаците мора да ги заобиколуваат во колона по еден, одејќи по коловози. На сите тротоари мора без исклучок прво да се обезбеди минимум простор за пешаци, а остатокот за возилата.
Да се обележат со хоризонтална и со вертикална сигнализација местото и начинот на дозволеното паркирање, со строга контрола за нивно почитување.
Сите, или речиси сите, локални улици во центарот, па и пошироко да се пренаменат во еднонасочни, со што би се создале услови за паркирање на коловоз и ослободиле тротоарите за вистинската намена. Еднонасочниот сообраќај мора да биде строго почитуван.
Истото тоа се случува и со узурпацијата на тротоарите и пешачките зони со кафеани, излагање на различни производи од дуќанџиите, рекламни паноа, со амин или без знаење и контрола на општините и на Градот. Има случаи на узурпирање на 100 отсто од вкупната ширина на тротоарите. |