Штип бара партнер за бањата Кежовица
Бањата го зголемува бројот на гостите, но продолжува да работи со загуби
Иван Бојаџиски
Штип – Општина Штип ја нуди својата бања Кежовица на јавноприватно партнерство. Одлуката е резултат на фактот дека со години, и покрај инвестирањата, бањата не работи профитабилно, иако бројот на посетители е во постојан пораст. Проблемот на непрофитабилноста произлегува од фактот дека ЈП „Исар“, кое стопанисува со бањата, нема законска можност да развива и други дејности, да понуди и други можности освен бањање за штипјани, со што би се привлекле поголем број гости и би биле остварувани позитивни финансиски резултати.
„Веќе објавивме отворен повик за јавно–приватно партнерство. Во објавата јасно ги прецизиравме правата и обврската на нашиот партнер. Наша основна цел е сегашната годишна загуба од околу 25.000 евра да ја трансформираме во добивка, која за јавното претпријатие не би смеела да биде помала од 15.000 евра на годишно ниво. Цениме дека понудивме фер услови, кои на нашиот партнер му овозможуваат да инвестира, да ја развива дејноста со нови содржини и да профитира од неа“, вели Никола Мицевски, директор на ЈП „Исар“.
Јавноприватното партнерство ќе биде регулирано со договор на триесет години врз база на студијата, која ја изготвија јавното претпријатие и одделението за локален економски развој при општината. Партнерот ќе има обврска да догради нов простор од 1.250 квадратни метри корисна површина, да го зголеми бројот на леглата за гостите од други места од сегашните 32 на најмалку 60. Инвеститорот ќе има обврска да го задржи сегашниот број од петнаесет вработени во бањата на рок од најмалку пет години. По завршување на времетраењето на договорот, сите објекти, како старите така и оние што ќе бидат изградени во наредните три децении, да останат во сопственост на ЈП „Исар“. Во договорот стои и клаузулата партнерот да не може да ја зголемува цената на билетите за бањање за повеќе од 40 проценти за да не се загуби вековната штипска традиција на одење на бања токму во Кежовица. Сегашната цена на билетот е 5о денари а тој, во идните триесет години не би смеел да ја надмине цената од 70 денари за едно бањање.
Повеќе општински раководства во Штип во изминатите две децении излегуваа со став дека бањата мора да профункционира врз нови основи. Сите говореа за неопходниот влез на свеж капитал. Актуелното раководство на ЈП „Исар“ правеше повеќе обиди за поголема искористеност на капацитетот на бањата. Една од поголемите идеи што донесе и определен резултат беше можноста пензионерите да ги користат услугите на бањата по повластена цена од 30 денари од понеделник до петок, а за нив беше обезбеден и бесплатен превоз. Пензионерите најдобро ја искористија таа можност за што говори податокот дека само во првите три месеци од оваа година тие имале 3.787 посети или по околу 1.250 месечно. Во овој период во бањата се продадени вкупно 22.722 билети што во однос на истиот период од минатата година е повеќе за 1.400 билети.
„Пораст на посети на бањата бележиме во континуитет последниве четири години, но само бањската услуга не е доволна да се работи со добивка. Со новите содржини што ќе ги донесе инвеститорот во бањата, а кој ќе има целосно одврзани раце во носењето одлуки за развојот, Кежовица може да се вброи во бањите со европски углед“, појаснува директорот Мицевски. |