Број 3627  понеделник, 11 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Македонија

Лековитите својства на бањските води

Водата со кисел вкус најчесто се пие за стомачни тегоби

Гојко Ефтоски




ТЕТОВО - „Јас сум од Прилеп. Имам здравствени проблеми со стомакот. Постојано сум на некаква терапија што ми ја препишуваат лекарите. Од луѓе дознав за лековитоста на водата во Бањиче и затоа дојдов. Моите сознанија се дека треба да ја употребувам барем десетина дена. Се чувствувам подобро. Болки како да немам, а водата ми е пријатна“, раскажува Стеван Гоговски, средовечен човек од Прилеп.

Месноста Бањиче се наоѓа по кањонот на реката Пена над тетовска Горна чаршија. Кај впечатливата кривина на ХЦ „Пена“ има најмалку пет извори со минерална вода. Дел од нив се насочени како чешми и од нив луѓето пијат вода за стомачни или за други внатрешни тегоби. Некои се направени како базени. Во еден што е ограден со стари ќебиња и чаршафи најчесто престојуваат жени. Има и два други. Таму луѓето со часови седат со нозете во водата, миејќи ги телото и рацете.

Сервет Азизи од најблиското село Селце наместо да ја раскаже својата приказна зошто е чест гостин, гласно праша зошто овој реон го викаат Бањиче, но и самиот одговори. „Бањиче се вика поради лековитоста на водата. Јас работам во Германија. Сега сум дојден во селото и ќе ја користам лековитата вода“, искоментира Азизи.

Врвулица од луѓе може секојдневно да се сретне по патот до Бањиче и назад. Едни одат кон изворите, други се враќаат назад, носејќи со себе по неколку шишиња вода.

Д-р Џавит Фејзули, специјалист по хигиена, инаку пензиониран лекар, целиот работен век го поминал во Центарот за јавно здравје во Тетово. Тој објаснува дека на подножјето на Шара на повеќе места има извори на минерална вода.

„Од изворите на Бањиче, но и во Лешок, Речица, Палчиште тече вода со кисел вкус, која благотворно дејствува и ги ублажува тегобите кај луѓето. Оваа вода дејствува врз бактериите, габите и слично, и има поволни ефекти. Бањичките води од одамна се користат за пиење, но и се употребуваат за лекување кожни болести“, вели Фејзули. Тој препорачува користење свежа вода, непосредно кај изворите, или најдолго за еден ден. Според него, лековитите својства може да ги изгубат и да се оствари спротивен ефект, особено поради евентуалните загадувања. Д-р Фејзули додава дека изворите кај Бањиче не се каптирани, водите слободно течат и по врнежи може да бидат бактериолошки неисправни.

Директорката на Центарот за јавно здравје во Тетово, д-р Ратка Ветеровска, вели дека оваа институција не располага со официјални наоди дали водата е лековита. „Тоа треба да го испитаат и да го утврдат други институции. Ние ја следиме исправноста на водата од која луѓето пијат. Последните анализи направени во април годинава пред два месеци покажаа дека водите на Бањиче бактериолошки и хемиски се исправни“, изјави Ветеровска.

Можноста Бањиче да биде не само здравствена, туку и туристичка дестинација е објективна. Овој дел сигурно спаѓа меѓу најживописните во тетовскиот крај. Можеби и затоа веќе се изградени неколку угостителски објекти, а има и ноќевалишта со помал капацитет. Бањиче е предизвик и за развој на туризмот.

Градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, ветува дека ова лето патот ќе се реконструира. Потоа, преку јавно приватно партнерство, се планираат нови вложувања во развојот. Дознаваме дека веќе имало физибилити-студија во која, наводно, се потврдувале лековитите својства на бањските води, кои народот долго време ги користел за лекување стомачни и кожни болести.


#
Статијата е прочитана 723 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Штип бара партнер за бањата Кежовица

"""