Мислења
Дебели минуси на контото на Владата
Ден Дончев
Контото на Груевски и на неговата Влада е во дебел минус. Се поставува прашање до кога ќе го зголемува црвеното салдо
Владата имала исправен концепт кој дава резултати преку отчетност, работа, посветеност и одговорност, оцени пре��иерот Никола Груевски давајќи отчет пред македонската јавност за сработеното во претходните четири години. За Груевски, константа за оваа Влада била работата. Владата не ветила невозможни работи, туку посветеност и одговорност, со што Груевски верува дека ќе не' доведе до вистинската цел - достоинствено.
Користејќи вакви општи фрази, премиерот избегна да обелодени која е „вистинската цел“ на Владата. Давањето каков било отчет има вистинска смисла само доколку се спореди со одредени параметри преку кои се гледаат резултатите од сработеното. Во контекст на реалната економска состојба во која се наоѓа Република Македонија, еден вистински отчет би истакнал, кои се резултатите во областите што се од најголема важност за граѓаните - невработеноста, сиромаштијата, економијата и социјалата.
Во својот отчет пред јавноста, Груевски ниту еднаш не ги спомна проблемите со кои се соочени огромниот број невработени во Република Македонија. Со моментна стапка на невработеност од речиси 33 проценти, земјава има неспоредливо повисока невработеност од која било земја во ЕУ. Се поставува прашањето к��ја цел си ја постави Владата на Груевски пред четири години за да ја намали невработеноста - да ја намали стапката на невработеност на 30 отсто, 25 или 20 отсто? Само вака поставена цел може да биде репер за давање отчет по четири години. Се разбира, Груевски воопшто не спомна дека стапката на невработеност денес е речиси непроменета од пред четири години. Значи, во најглавната категорија за давање отчет, Груевски добива еден голем минус на контото.
Сиромаштијата во Македонија, спрема критериумите на Светска банка, се приближува до 30 отсто. Со други зборови, 30 отсто од семејствата во нашата држава, што значи околу 200.000, го живеат секојдневјето во сиромаштија. Пред околу осум години, стапката на сиромаштија кај нас, според критериумите на Светска банка, изнесуваше 22 отсто. За какви резултати може да зборува нашиот премиер, ако не се соочи со поразителниот факт дека сиромаштијата во Република Македонија денес е поголема од кога било? За жал, и во оваа многу важна категорија за давање отчет, Груевски повторно добива еден голем минус на контото.
Што се однесува до економијата, најрелевантен показател за давање отчет е постигнатата стапка на бруто домашното производство (БДП). Во 2007 година, стапката на раст на БДП изнесуваше 5,9 отсто; 2008 година беше 4,8 отсто; 2009 год. минус 0,7 отсто, додека за 2010 година Владата предвидува стапка на раст од два отсто. Значи, дури и да се оствари предвидената стапка на раст за 2010 година (иако многу пореално е дека растот ќе изнесува околу 1 процент), просечната стапка на раст за овој четиригодишен период изнесува три проценти. За споредба, просечната годишна стапка на раст на БДП за периодот 2003 - 2006 година изнесуваше 3,75 отсто, додека, пак, просечната годишна стапка на раст на БДП за периодот од 1999 до 2002 година изнесува 1,3 отсто. Се разбира, подлабока анализа на секоја година покажува зошто одредени периоди се поуспешни од други. На пример, растот на БДП во 1999 година драстично отскокна, споредено со која било претходна година од осамостојувањето на Македонија, и изнесуваше 4,3 отсто. Следната година, со стапка на раст од 4,5 отсто, исто така, беше многу успешна. Сето тоа беше пресечено кога се случи воениот конфликт во 2001 година, што на економски план резултираше во пад на БДП од 4,5 отсто и анемичен раст од само 0,9 отсто во 2002 година. Од друга страна, периодот од 2003 до 2007 година беше еден од најпросперитетните периоди за глобалната економија од Втората светска војна наваму. Ова несомнено придонесе за подобрување на економските перформанси и на македонската економија која постигна прилично солидна просечна годишна стапка на раст од 3,75 проценти од 2003 до 2006 година, како и стапка на раст од 5,9 отсто во 2007 година. Не е спорно дека 2009 година беше една од најтешките години за глобалната економија во последните седум децении. Но, поентата ми е дека не може ниту еден премиер да си ги припишува позитивните ефекти врз домашната економија исклучиво на свое конто, а да избегнува одговорност кога економските околности не му се во прилог.
Оваа Влада не може да покаже ни драстично подобри резултати и во привлекувањето странски директни инвестиции (СДИ). За периодот 1999 - 2002 година вкупните СДИ во Република Македонија изнесуваа 822 милиона евра; за периодот 2003 - 2006 година вкупниот износ беше 660 милиони евра, додека за периодот од 2007 до 2010 година ќе бидат околу 800 милиони евра. Затоа, кога е во прашање отчетот за макроекономските перформанси, најдоброто што Груевски може да си го препише е неутралната оцена во споредба со претходните две влади.
Конечно, што се однесува до социјалата, Груевски истакна дека илјадници пензионери го почувствувале позитивното работење на оваа Влада кога добиле над 30 отсто зголемување на пензиите во просек, како и јавниот сектор, каде што се зголемиле платите на 22 процента за првите две години. Притоа, Груевски заборави да каже дека инфлацијата во Македонија изнесуваше 6,1 отсто во 2007 година и 4,1 отсто во 2008 година. Со други зборови, реалното зголемување на пензиите изнесуваше 18 отсто, додека платите на јавниот сектор реално се зголемија за 10 отсто. Се разбира, и ваквото зголемување е добар исход и за пензионерите и за вработените во јавниот сектор. Но, тоа што премиерот не истакна е дека оваа Влада драстично ја зголеми вкупната јавна потрошувачка во последните четири години преку буџетските расходи. Вистинското прашање при секое зголемување на платите, пензиите, како и општите буџетски расходи е како се финансирани тие расходи и кои се макроекономските ефекти од нив. Во поглед на фискалната п��литика на оваа Влада во изминатите четири години, драстично зголемените буџетски расходи резултираа во дуплирање на трговскиот дефицит од 900 милиони евра во 2006 година, на 1,8 милијарди во 2008 година. Вкупниот надворешен девизен долг на државата се зголеми за над 1,5 милијарда евра за четири години. Значи, вистинските последици од раскошното трошење на оваа Влада допрва ќе бидат почувствувани од идните генерации. Затоа и во оваа категорија за отчет, Груевски добива голем минус на своето конто.
Од наведеното може да се заклучи дека контото на Груевски и на неговата Влада е во дебел минус. Се поставува прашање до кога ќе го зголемува црвеното салдо.
(Авторот е економски аналитичар) |