Нафтената дамка ги убива делфините и желките?
ПОРТ ФОРШОН - Научниците го испитуваат умирањето на најмалку шест делфини и над 100 морски желки по должината на Мексиканскиот Залив во САД последниве седмици, за да утврдат дали тие се жртви на огромната нафтена дамка во регионот, јавуваат претставници на групите за животински свет. Сите умирања се разгледуваат како можни последици од нафтената дамка, што неконтролирано се излева од 20 април од пукнатиот извор на дното во Мексиканскиот Залив во Луизијана, поради нивната близина во времето и во просторот до местото на излевање. Но, ниту еден од испитаните делфини и желки не покажаа видливи знаци на загадување со нафта.
Во тек е некропсија - аутопсија на животни - и се анализираат примероци од ткивата за да се утврди дали голтањето нафта е причина за нивното умирање. Резултатите се очекуваат за две седмици. „Досега не забележавме каква било врска со умирањето на желките или на делфините од нафта“, рече д-р Моби Соланги, шеф на Институтот за испитување на морските цицачи во Галфпорт, Мисисипи. Соланги додаде дека е прашање на време кога нафтената дамка ќе почне да влијае на делфините. „Не станува збор за тоа дека нафтата е во нивната средина“.
Кони Баркли, портпарол на Националната администрација за океански и атмосферски испитувања (НОАА), јави дека научниците го испитуваат умирањето на шест делфини и 117 морски желки по должината на брегот на Луизијана, Мисисипи, Алабама и на Флорида од 30 април. Извори блиски до екипите за реакции при нафтени излевања во Мексиканскиот Залив сметаат дека има седум умрени делфини. Како и да е, федералните претставници на групите за животински свет истакнаа дека морталитетот кај делфините и кај желките, забележан по експлозијата на нафтената платформа во водите на Луизијана во април, не е невообичаен за ова време од годината. (Ројтерс)
|