ТВ ФОТЕЛЈА
Црна хроника
РОБЕРТ Д. КРСТЕВСКИ
Љубоморен сопруг ја скршил од ќотек жена си откако ја фатил на дело со љубовникот. Соседи кренале мотики еден на друг за бразда. Измамил касиерка во супермаркет со лажни банкноти од 50 денари. Дрвокрадец тешко повреден од дрво што му паднало на глава додека го сечел. Украл три килограми зеленчук од магацин на земјоделска задруга. Му врзала шлаканица оти ја штипнал за задникот во турканица во автобус. Го исекнал носот на јавно место. Арамии натепале чувар зашто си ги скинале панталоните од оградата додека ги бркал во кругот на фабриката.
Заслужуваат ли ваков тип информации да бидат пласирани во телевизиски дневник? Судејќи според зачестената практика кај нас во последно време - да. Портпаролите на Министерството за внатрешни работи, но и на подрачните единици, посебно од Битола и од Велес, преку ноќ станаа ТВ-ѕвезди. Нема ден некој од нив да не ја потресе нацијата, објаснувајќи во детали пред камерите кој и како извршил дело казниво според законот. Сител пред некој ден се надмина себеси со почнување на Дневникот со дури пет вести што во медиумите вообичаено се категоризираат како (црна) хроника. Не се подолу ни конкурентските ТВ-куќи.
Да не знае човек што да мисли. Од една страна, давањето приоритет на ваквите настани во информирањето на аудиториумот наведува на (погрешен) заклучок дека ништо значајно не се случило тој ден, се' е супер, само ситниот криминал ја расипува идилата. Од друга страна, фиксното времетраење на Дневникот бара пополнување со содржини по секоја цена, а новинарите се познати по тоа и кога нема големи случувања да ги „измислат“, односно да ги надуваат малите појави и да ги направат божем значајни за пошироката јавност. Со други зборови, кога нема крв, веста и не е вистинска вест според современите тенденции во оваа професија. А и репортерите и дописниците треба да си ја оправдаат платата, нели?
Во основа, држи од сето ова по малку. Но, зошто во земјите со развиени електронски медиуми, кои, барем декларативно, им се репер на овдешниве телевизии, ни на сон не отстапуваат толкав простор на тривијалности од калибарот на тие опишани во почетокот? Едноставно, затоа што таму секоја секунда телевизиска програма чини цело богатство, па никому не му паѓа на памет да им дава гласност на информации со т.н. низок интензитет. Тие си наоѓаат место во локалните средства за информирање, како и во печатот. Ни од економска гледна точка ни професионално телевизиите што со својот сигнал ја покриваат целата територија на државата, а некои од нив емитуваат и програма преку сателит, нема зошто да им конкурираат во овој сегмент на (по)малите играчи во медиумскиот простор. И тие треба да живеат од нешто. |