Град со големина на јајце ги сотре посевите во Прилепско
Уништени приближно 100 хектари со градинарски и житни култури, расади за тутун и овошки: селото Коњари
ПРИЛЕП - Во силно невреме, проследено со град со големина на јајце што завчера околу 18 часот ги зафати атарите на прилепските села, Коњари и Мажучиште, уништени се приближно 100 хектари со градинарски и житни култури, расади за тутун и овошки. Жителите исплашени и загрижени за својата егзистенција велат дека вакво невреме досега не се памети.
„Паѓаше град колку тупаница на мало дете. Ова не е штета, туку пропаст. Нема веќе што да се очекува, ниту од житата, ниту од пластениците, ниту расадите... се' е до корен отепано. Катастрофа е ова што не' најде“, вели Тони Сркески од Коњари.
И неговиот соселанец тврди дека градот што без прекин паѓал половина час уништил голем дел од родот.
„Посевите се уништени речиси 50 отсто. Ова не е крајна фаза на жетва, останавме без ништо. Толку труд вложивме во досегашната обработка и сега ќе останеме без ништо“, се жали Рубинчо Сркески.
Жителите што живеат исклучиво од земјоделство бараат помош од државата. Тешко ќе преживеат доколку не им биде исплатена отштета за уништениот род во невремето.
„Секако дека ќе бараме обесштетување. Економската криза не' уништи, ама оваа мака сега не' дотолчи. Немаме каде натаму, не знаеме што да правиме. Речиси сите семејства живеат од земјоделство и се надеваа на квалитетен род. Но, сега ќе немаме за храна за децата“, стравуваат жителите на двете прилепски села. Тие инсистираат надлежна инспекција итно да ги посети и да изврши стручна процена на висината на штетите. (Мн.Т.) |