Апарат за мерење сало
На Институтот за јавно здравје може да се измери колку едно лице има сало, а колку мускулна маса. На Одделението за физиологија и мониторинг почна да работи апарат за индивидуална проценка и анализа на телесниот состав, со кој ќе може да се прават процени за евентуални ризици за здравјето и да се препише соодветна диетална исхрана за нивно намалување. Анализаторот дава податоци за телесната тежина, процентот на масти во телото, маса на масно ткиво, маса на немасно ткиво, проценка на маса на мускулно ткиво, вкупна количина телесна вода, одредување базален метаболизам, проценка на дневни енергетски потреби, како и распореденост на телесни масти по сегменти.
Врз основа на овие податоци и дополнителни биохемиски анализи, како што вели раководителот на одделението, Златанка Димитровска, лекарите ќе можат да изготват насоки и упатства за диететскиот режим, но и потребниот начин на живот. Овие анализи засега не можат да се прават со сини картони, туку заинтересираните ќе треба да платат 1.500 денари.
Од Институтот за јавно здравје сметаат дека на ваков начин ќе може да се превенираат многу хронични незаразни болести кај навидум здрави личности, кои немаат никакви тегоби. (Ј.Ј.) |