Абхазија: битка за рајот на земјата
Кратката војна на Кавказ ги одмина Абхазијците, но тие ги бараат Русите да ги бранат од Грузијците
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
Сухуми - Ако веќе нема војна, ако се' биде стабилно, Абхазија ќе биде рај на земјата. Господ ни дал се' и да не се распаднеше СССР денес ние многу добро би живееле, бидејќи ретко која земја има такви услови за развој на туризмот, како што имаме ние.
Тие оцени при престојот во Абхазија ги слушнавме најмалку десет пати. И навистина, кога дописникот на „Утрински“, по престојот во Јужна Осетија, каде што се' уште се чувствува воена атмосфера, стигна во Абхазија, се доби впечаток како да сме на другиот крај на светот каде што не знаат што е пукање, туку само се размислува како да дојдат што е можно повеќе туристи и подобро да се заработи.
Во Абхазија во август и немаше вистинска војна. Абхазијците успеаја да ги протераат од нивна територија грузиските единици кои беа во Кодорската Клисура, а тие ниту припукаа како што треба. Јасно е дека немаа жртви, дури никој не се ни изгреба. Грузијците го оставија тешкото вооружување и побегнаа, бидејќи беа предупредени дека се опколени од сите страни и дека, ако не се повлечат низ коридорот што им беше оставен, ќе следува жесток артилериски напад. Знаејќи дека Абхазијците зад себе ги имаат моќните руски десантни единици, тие ги напуштија позициите и ги предадоа на руските војници.
Границата на Абхазија со Русија се наоѓа недалеку од руското монденско одморалиште Сочи. На контролниот пункт документите посериозно ги прегледуваат руски погранични органи. На некои од тие луѓе проблем им претставува латиницата, па бараат руска новинарска акредитација за да можат да го впишат името на лицето кое ја поминало границата во компјутер. Абхазијците формално ги погледнуваат пасошите и ви посакуваат среќен пат.
На таа граница чекавме повеќе од еден час, бидејќи западните новинари бараа руските погранични органи да не им ставаат печат. Објаснуваа дека тој печат во пасошот може да им прави проблем кога ќе сакаат да одат во Грузија. Грузијците сметаат дека Абхазија и понатаму е нивна територија, па излегува дека новинар кој престојувал во Сухуми без грузиска виза го прекршил законот.
Зошто токму во Абхазија во советско време свои одморалишта имаа Министерството за одбрана и уште десетина министерства, веднаш стана јасно кога тргнавме со автобус по патот што е педесетина метри оддалечен од крајбрежјето. Абхазија има крајб��ежје од 240 км на Црно Море. Многумина сметаат дека тоа е еден од најдобрите делови на црноморското крајбрежје. Само помалиот дел од него е изграден, а се' друго се диви плажи.
Туристичкиот водич, средовечна жена Нана, како да не зема воздух, без престанок бомбардира со историски податоци дека први освојувачи биле Грците, потоа Римјаните, што се гледа и од начинот како биле нарекувани местата и градовите на абхазискиот брег. Подоцна дошле Турците кои се задржале таму 300 години. Во тоа време тие исламизирале дел од населението.
Всушност, се' што е убаво и со што се гордеат Абхазијците е направено во времето на руското царство, а потоа во времето на СССР. Пристаништа, паркови, куќи за одмор градел рускиот цар. Тој сакал да има одморалишта кои не се нималку послаби од оние на Азурниот брег. Абхазијците често истакнуваат дека тие доброволно влегле во царството, а подоцна и во СССР. Тие објаснуваат дека е важно да се знае тоа, бидејќи по распаѓањето на СССР не сакале како мираз да и' припаднат на Грузија, со која со децении имале лоши односи.
Иако западните новинари превртуваа со очите додека Нана повторуваше дека повеќето Абхазијци жалат поради распаѓањето на СССР, оние кои внимателно слушаа лесно сфатија зошто е тоа така. Во советско време многу се инвестираше во Абхазија. „Да не се распаднеше СССР и да се инвестираше во туризмот, Абхазија денес би имала стандард на европските земји“, уверена е Нана.
Еден од најпознатите туристички градови на Абхазија, Пицунда некогаш беше место каде што луѓето умирале од маларија, бидејќи го опкружувале мочуришта. Тие подоцна биле исушени и претворени во плодна почва.
Возејќи се во насока на Сухуми, поминавме низ познатото место Гагра. Во него нема никаква индустрија освен огромни пекарници. Малку подалеку се наоѓа пилана. Абхазијците се гордеат со нивниот квалитетен буков паркет. Како доказ за толеранција ни покажуваат три училишта во кои се учи на абхазиски, грузиски и руски јазик. Абхазијците велат дека Господ им дал не само убаво морско крајбрежје туку и планини на кои и во текот на летото има снег и може да се скија. Се фалат и со многу чисто планинско езеро кое се наоѓа на илјада метри над морето.
Поминавме и покрај местото Мисер во кое некогашниот лидер на Грузија, а подоцна министер за надворешни работи на СССР, Едуард Шеварднаѕе изгради петкатна вила за Михаил Горбачов, генералниот секретар на ЦК КПСС. На главниот пат крај абхазиското крајбрежје се стигнува до Нов Афон, познатиот руски манастир кој бил изграден во времето на царството. Абхазијците многу ги ценат руските монаси кои го облагородиле тој крај. Во времето на најжестоките воени судири на Абхазијците и Грузијците, манастирот беше погоден од грузиската артилерија.
Колку повеќе се приближувавме кон главниот град Сухуми, се' почесто се наидуваше на траги од војната што се одвиваше пред 15 години. Во Сухуми, особено во центарот, многу згради беа тешко оштетени. За обнова на оштетените згради потребни се многу пари, а нив засега во буџетот ги нема. Дописникот на „Утрински“ го праша претседателот Сергеј Багапш дали имаат економска анализа и план колку пари им се потребни за да ги реновираат оштетените згради и угостителски објекти, бидејќи без тоа туристите, особено оние побогатите, нема да доаѓаат во Абхазија, без оглед што таа неоспорно е многу убава.
„Ние одамна би изградиле згради кога би имале пари. Имаме анализи и планови што треба да направиме. Се надеваме дека сега ситуацијата ќе се смири, а потоа ќе почнат да пристигнуваат инвестиции. Уверен сум дека многу бизнисмени ќе сакаат да инвестираат во Абхазија, која има одлична географска положба“, вели Багапш. Тој додава дека Абхазија им е интересна на инвеститорите не само поради туризмот туку и другите стопански гранки. Багапш тврди дека геолошките истражувања покажале дека има наоѓалишта на гас и нафта. Имаат многу дрва кои можат да се извезуваат.
Во разговорот со раководството во Сухуми западните новинари најмногу ги интересираше дали во Абхазија ќе бидат отворени руски воени бази. Претседателот Багапш вели дека нови бази ќе нема, туку Русите ќе останат на позициите каде што беа мировниците. Што се однесува до приказната дека руската Црноморска флота ќе се пресели од Севастопол во Абхазија, Багапш објасни дека кај нив ќе има само неколку воени бродови. „Сакаме во иднина Абхазија, но и Грузија да бидат демилитаризирана зона, значи воопшто да нема војска“, рече Сергеј Багапш.
Од воените амбиции на Грузија зависи кол��у бази ќе има Русија во Абхазија, бидејќи раководителите на тие земји се свесни дека тие сами не можат да и' се спротивстават на посупериорната грузиска армија, на која Америка и' ветува поддршка. Абхазискиот министер за надворешни работи, Сергеј Шамба, ни објасни дека од Русија очекува гаранции за безбедноста на абхазискиот народ. Поради тоа, сите очи се свртени кон Москва.
Додека престојувавме во Абхазија, руски воени експерти веќе ги анализираат можностите за отворање воени бази во абхазиските градови Гудаути и Очамчира. Таму веќе имаше советски бази. Во Гудаути имаше воен аеродром, па таму би можеле да дојдат десантни единици. Во пристаништето Очамчира би можеле да пристигнат руски воени бродови. Поранешниот командант на Црноморската флота, адмирал Едуард Балтин смета дека пристаништето во Очамчира е плитко и дека би било подобро бродовите да се закотват во пристаништето во Сухуми.
„Дали Саакашвили или некој друг грузиски претседател ќе започне војна против малобројниот абхазиски народ не зависи само од раководството во Тбилиси, туку и од нивните советници и спонзори од Запад. Саакашвили никогаш не би се осмелил да тргне во војна доколку американските сојузници не го уверија дека за неколку дена може да ги оствари своите освојувачки територијални планови“, тврди Сергеј Багапш.
|