Што прават денеска
Гордана Јосифова-Неделковска
музички селектор на „Охридско лето“
Денеска, покрај обврските околу приемните испити на ФМУ - Скопје, не' очекува и завршна прес-конференција за 51. издание на „Охридско лето“. Програмата ќе се затвори со настап на концерт-мајсторот на оркестарот на Валенсија, нашиот истакнат млад виолинист Ѓорѓи Димчевски. Веднаш по завршувањето, се подготвувам за моето патување во Франција, каде што ме очекуваат два солистички концерта.
Ламбе Алабакоски
пејач
Конечно, време и за одмор од многубројните настапи и патувања. А најдобро се одморам во мојата Преспа, која е најубава и најмногу ја сакам во август. Вообичаено, денот го започнувам со џогирање, колку што можам порано наутро, па потоа на плажа и дружење со старите пријатели.
Александар Кукулев
новинар и публицист
Привршуваат подготовките околу промоцијата на романот „Патувањето на Петар Келемен“ во кој се поместени досега непознати факти за пошироката јавност, поврзани со атентатот врз српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во 1934 година во Марсеј. Првичниот интерес за книгата ги надмина сите очекувања, со оглед на тиражот од 1.000 примероци, па речиси сигурно е дека романот ќе доживее и второ издание. |