Концерт
Болно сеќавање и продолжување на делото на Тоше Проески

Над 45.000 посетители беа дел од четиричасовниот концерт посветен на македонската поп-икона
Катерина Шекеровска
Потресно и драматично беше да се присуствува на завчерашниот концертен спектакл „Те сакаме сите, Тоше“, кој ги обедини најголемите балкански и други музички ѕвезди што соработувале или на некој друг начин биле поврзани со македонската поп-икона Тоше Проески. Публиката, која дојде од целата земја, Балканот и од соседството, па дури и од подалеку, околу 45.000, го исполни ветувањето што го даде Тоше на последниот свој концерт: „Да ве видам тука в година во уште поголем број...“ Неколку часа пред почетокот на концертот, паркот и околните сообраќајници беа блокирани од колони возила, автобуси и луѓе кои брзаа да го обезбедат своето место на трибините... Градскиот стадион во Скопје беше претесен да ги прими сите обожаватели на трагично загинатата македонска ѕвезда, кои дојдоа да му искажат почит и да го продолжат хуманото дело на својот миленик, кој на истото место, точно пред една година, со иста цел - да им се помогне на другите го одржа својот величествен хуманитарен, но, за жал, последен концерт во својот живот.
Во паркот беше живо, се мешаа емоции, можеа да се слушнат сеќавања на Тоше, искажани на повеќе различни јазици. Го имаше сето она што Тоше би го посакал - Балкан во мало, драги колеги и пријатели, промоција на нов материјал, добра атмосфера и, со Божја помош, време без дожд. Со јакни и капи, кои и' помогнаа на публиката да се справи со ниските температури, постери и маици со ликот на македонската поп-икона, публиката го полнеше стадионот кој не помни олку голема посетеност... Овој пат, за разлика од минатата година, наместо насмевки, можеа да се забележат згрчени лица и солзи. Она што лани беше празник, оваа година се претвори во болно сеќавање на Тоше Проески.

„Тоше, Тоше!“, скандираше публиката уште во самиот почеток на концертот, создавајќи слика која беше редовна на сите негови појавувања - речиси без исклучок на секој свој настап нетрпеливата публика го извикуваше неговото име и со овации го пречекуваше својот миленик. А овој пат сите како потајно да се надеваа дека од некаде ќе се појави, ќе скокне на сцената онака насмеан и ќе ги поздрави со својата препознатлива реплика „Ве сакам сите!“
Лицата се натопија во солзи кога на огромниот видеобим се појави ликот на Тоше, ведар и насмеан, како се подготвува да излезе на сцената пред почетокот на еден од своите концерти. Следуваа звуците на антологиската „Зајди, зајди“ во негова интерпретација, како вистински потсетник на големата трагедија која го потресе Балканот. Тоше повеќе го нема, сонцето згасна, но остана неговото дело - хуманоста и патот што им го покажа на новите генерации.
Како што истакнаа водителите Ели Танаскова и Тони Михајловски, повеќе од 30 милиони гледачи го следеа директниот пренос од концертот чиј сигнал медиумскиот покровител МТВ бесплатно го даде на користење, а преку сателит беше достапен и на неколку континенти. Специјално за концертот во Скопје допатуваа дваесетина пејачи кои му оддадоа чест на нашиот Тоше. За почеток беше резервиран настапот на Наум Петрески, кој во дует со Тоше ја отпеа „Има ли песна“ (снимката од заедничкиот настап одеше на видеобим), за подоцна да ги видиме членовите на „Синтезис“ со „Ој, девојче“ и публика во замена за гласот на Тоше. Весна Петрушевска ја замоли публиката да направи ѕвездено небо (она истото од лани на кое Тоше многу му се радуваше) на рефренот од „Казна моја си ти“... Биља Крстиќ и оркестарот „Бистрик“ не' потсетија на заедничката „Јовано, Јованке“, Симон Трпчевски запеа и ја отсвири „Љубена“ (омилената тема на нашиот пејач), а оперскиот пејач Игор Дурловски маестрално ја отпеа „Го лажам секој нов рефрен“...
„Кога ќе кажам Тоше, мислам на љубов“, рече српскиот пејач Жељко Самарџиќ, кој ја пееше темата „Цреша“, истата онаа композиција за која Тоше на ланскиот концерт јавно призна дека ја чувствува како автобиографска. Верен придружник на пејачите им беше публиката, која не ги штедеше грлата, како да сакаше да отпее најсилно, силно до болка, за да допре до небото и да му каже на Тоше колку многу го сака... Во нејзина придружба пееше и Гоца Тржан – „1200 милји“, Бојан Маровиќ - „Полско цвеќе“, Нина Бадриќ со нетипичната за неа „Несаница“ и нејзиниот хрватски колега Тони Цетински и одличната интерпретација на „Тајно моја“. Адријан Гаџа не' потсети на „Никој како тебе не бакнува“, гостинката од БИХ Маја Татиќ ја слушнавме со „Ден за нас“, Санди Ценов - „Једина“, а Марија Шестиќ ја одбра химната која Тоше ја сними за УНИЦЕФ „За овој свет“.
Младиот Виталиј Козловски го видовме и слушнавме со „Срце није камен“, Иван Плавшиќ пееше „Соба за тага“, а Леонтина не' потсети на хитот „Чија си“. Музичкиот дел продолжи со настапите на Калиопи и баладата „Немаш ни благодарам“, Аки Ракимовски не' потсети на „Јесен у мени“, Ањеза Шахини пееше „I will Always Love you“, а евровизиската победничка Руслана настапи со „Life“. Во меѓувреме, го видовме и спотот за темата од англискиот албум на Тоше, „The Hardest Thing“, по што вниманието и' припадна на гостинката од Словенија Аленка Готар и звуците од „Арија“. Особено драматичен момент и завршница на четиричасовниот концерт беше дуетот, кој Тоше го напиша за него и за својот внук Кристијан - „My Little“, кој беше поздравен со огромен аплауз и овации. Емоциите, тагата, солзите и непреболот беа присутни за време на целиот концерт, кој финишираше со изведбата на „Игри без граници“, со музичка поддршка на бендот на Тоше, „Блу фанки индивидуалс“, оркестарот на МОБ, под диригентската палка на Саша Николовски - Ѓумар и громогласно пеење на публиката на Градски стадион.
Гледачите пред ТВ-екраните и оние на самото место на настанот беа сведоци и на видеомостовите кои МТВ ги воспостави со неколку ТВ-куќи од регионот (Подгорица, Загреб, Сараево, Белград...) кои директно го пренесуваа концертот, а кои, според многумина, непотребно се вклучуваа по два пати, одземајќи драгоцен дел од минутажата посветена на нашата непреболена ѕвезда.
Во вечерта во која сите се потсетивме на Тоше (како некогаш да сме го заборавиле), продолжувајќи го неговото хумано дело (собраните средства ќе бидат донирани во хумани цели, а за нивната конкретна намена ќе се одлучува деновиве откако ќе се добијат прецизни бројки), фондацијата „Тоше Проески“ - Крушево, организатор на настанот на сите учесници и на премиерот Никола Груевски им додели статуети за хуманост.
Идејата да се направи концерт во чест на Тоше и неговата хуманитарна мисија кој ќе стане традиционален, секако, е за поздравув��ње, но организаторите во наредната година би требало да се обидат да ја доведат манифестацијата на повисоко ниво, онакво какво што Тоше вистински заслужува.





ИЗЈАВИ
Тони Цетински
„Не можам да се помирам со фактот дека Тоше веќе не е меѓу нас и покрај тоа што помина речиси една година од трагичниот настан. Бевме големи пријатели и моите емоции се исти, една година подоцна. Тажен сум и тоа чувство ме обзеде денес и на пробата, бидејќи не успеав докрај да ја завршам песната. ’Тајно моја‘ беше една од неговите омилени теми, а мене ми припадна честа да ја отпеам. Се надевам дека успешно го направив тоа“.
Леонтина Вукомановиќ
„Секој коментар во овој момент е излишен, бидејќи се' уште изгледа нереално дека го нема. Колку време и да помине, емоциите не можам да ги скријам. Го гледам неговиот ведар лик и сфаќам колку ми е драго што имав можност да го запознам и да соработувам со него. Понекогаш помислувам колку е неправедно да згасне еден млад живот, особено така одеднаш како што беше случајот со Тоше. Искрено жалам“.
Аки Рахимовски
„Јас го сакав Тоше и затоа сум вечерва тука. Кога ми соопштија дека ќе се одржи ваков спектакл во негова чест, единствено бев скептичен во однос на времето. Но, погледнете, Тоше уште еднаш ни помогна горе од небото и ни овозможи да бидеме сите тука. Тоше многу добро знае дека ние сите го сакаме и убеден сум дека вечерва е со нас“.
Гоца Тржан
„Колку би сакала овој момент да биде сосема поинаков и да ја видам неговата убава насмевка со која ги маѓепсуваше сите наместо да бидам вака тажна и со огромна болка во срцето затоа што го изгубив тоа мало злато. Тажна сум и немам многу што да кажам, но сум тука затоа што тој го заслужува сето ова. Оваа публика овде на ова ладно време само поради него јасно говори колку беше голем Тоше за сите нас“.
Биља Крстиќ
„Тоше за мене беше, пред се', едно многу фино и воспитано момче кое успеа да ме плени од прв пат. Бев фасцинирана од неговата желба за успех и знаев колку ја сакаше мојата и музиката на мојот бенд ’Бистрик‘. Спомените кои ме врзуваат за него сакам љубоморно да ги задржам за себе, затоа што ми се многу драги. Јас, која инаку не сакам да гостувам на други концерти, кога дојде времето да го направам тоа за Тоше, одговорот без двоумење беше позитивен. Вечерва сум овде уште еднаш во негова чест да ја отпеам ’Јовано, Јованке‘“.
Бојан Маровиќ
„Вистински ме потресе песната ’Полско цвеќе‘ затоа што за момент пред очи ми помина сликата од немилиот настан минатата година. Сите ние од Балканот што го сакавме Тоше поминавме многу болни мигови и сега кога сме сите тука повторно болката е иста. Мислам дека загубата е огромна и дека никогаш нема да успеам да го прежалам фактот дека повеќе го нема“.
Нина Бадриќ
„Што и да кажам повеќе нема смисла. Многу жалам што Тоше повеќе не е меѓу нас, бидејќи ѕвезда како него се раѓа само еднаш. Погледнете ги само лицата во публиката кои постојано очекуваат да го здогледаат од некоја страна и да можат заедно со него да уживаат во неговите песни. Додека ја изведував ’Несаница‘ имав чувство дека тој е тука и дека е многу блиску до секој од нас. Тоа ми даде сила да ја отпеам песната и да ги покажам емоциите“.
|