Мислења
Грчки „Титан“ и наше „Усје“
Ден Дончев
Вината на грчката компанија „Титан“ ја гледам во неподготвеноста ни со малиот прст да му врати нешто значајно на македонското општество
Цементарница „Усје“ АД пред некој ден во некои од печатените медиуми ги обелодени своите ревидирани финансиски извештаи за 2009 година. Им честитам на транспарентноста, а водено и на фантастичните резултати кои ги постигнуваат. Оваа фирма е пример на успешно претпријатие во Република Македонија. Па кој вели дека не може да се остваруваат профити во нашата сиромашна држава. Видете ја само профитабилноста на „Усје“: во 2009 оствари нето добивка од 25 милиони евра; во 2008 профитот изнесуваше 21 милион евра; во 2007 - 27 милиони евра; во 2006 - 27 милиони евра; во 2005 - 22 милиони евра; во 2004 - 20 милиони евра; во 2003 нето добивката изнесуваше 18 милиони евра и во 2002 - 17 милиони евра. Податоците од 1999 до 2001 не се јавно достапни, но сум прилично сигурен дека просечниот годишен профит за тој период изнесуваше околу 15 милиони евра.
Значи, почитувани читатели, вкупната добивка на Цементарница „Усје“ АД за 11-годишниот период од 1999 до 2009 изнесува најмалку 220 милиони евра. Се разбира, ваквиот профит си носи соодветни бенефиции за акционерите на компанијата, најголемата си е редовната исплата на годишната дивиденда. И така, акционерите на Цементарница „Усје“ АД, секоја година, како швајцарски часовник, редовно си го молзат „Усје“ и си добиват дивиденда. Најголемиот дел од исплатената дивиденда, се разбира, си оди кај најголемиот акционер. Тој акционер, пак, кој е сопственик на 94,84 отсто од акциите на Цементарница „Усје“ АД, се вика „Titan Cement Netherlands BV“. Оваа компанија формално е регистрирана во Холандија, а нејзиниот конечен сопственик е компанијата „Титан“ од соседна Грција.
Ревидираните финансиски извештаи на Цементарница „Усје“ АД покажуваат дека во 2009 година комапнијата исплатила цели 35 милиони евра дивиденда кон нејизниот најголем акционер „Титан“, додека, пак, во 2008 дивидендата кон „Титан“ изнесувала 23 милиони евра. Само во последните две години, компанијата „Титан“ од Грција примила 58 милиони евра дивиденда од Цементарница „Усје“ АД. За периодот 1999 до 2009, вкупната дивиденда исплатена кон „Титан“ од старна на „Усје“ изнесува фантастични 136 милиони евра. Тоа, почитувани читатели, се 136 милиони евра девизни одливи од Република Македонија кои неповратно заминале од нашата држава.
Меѓутоа, некој можеби ќе ми забележи дека, нели, тоа е и поентата на пазарната економија? Нели е добро да се остваруваат што поголеми профити од компаниите и да се исплаќат што поголеми дивиденди? Па, нели, „Титан“ од Грција чесно си ја купи Цементарница „Усје“ АД? Токму така!
Во веќе далечната 1998 година, „Титан“ од Грција, во зделка на милениумот, плати 27 милиони евра на тогашните акцинери на Цементарница „Усје“ АД и се стекна со сопственост на 94,84 отсто од акциите на „Усје“. Тогашните акционери претежно беа менаџментот и вработените во компанијата кои ги имаа „откупено“ акциите на „Усје“ преку одредбите на тогашниот Закон за трансформација на претпријатија со општествен капитал. Под одредбите на овој закон, во периодот пред 1998, менаџерите и вработените на „Усје“ уплатија цели 2 милиони евра ко�� Буџетот на Република Македонија за да се стекнат со тие 94,84 отсто акции кои подоцна колективно ги продадоа на „Титан“ од Грција. Да почитувани читатели, не станува збор за печатна грешка. Нема нула зад двојката. Повторувам, за таканаречената „трансформација“ на 94,84 отсто од таканаречениот „општествен капитал“ на „Усје“, Република Македонија, преку тогашната нејзина институција „Агенција за приватизација“, доби цели 2 милиони евра. Тогашните менаџери и вработени на „Усје“, очигледно, сметале дека ја имаат направено зделката на столетието кога на „Титан“ од Грција им продале 94,84 отсто од акциите за 27 милиони евра. Тогаш, при продажбата на компанијата во 1998, имало и ефективен девизен прилив во Република Македонија од 27 милиони евра. Тоа е единствениот, но и последниот благодет кој Република Македонија, секако индиректно, го добила од продажбата на „Усје“.
При продажбата на „Усје“ во 1998, нема сомнеж дека компанијата вредела најмалку 120 милиони евра. Тоа е дури и конзервативна проценка, но бидејќи јавно фрлам ракавица на било кој, па дури и некои од сегашните или претходните сопственици на „Усје“ да ме негира или да го докаже спротивното, вредноста од 120 милиони евра е бројка која и јавно ќе ја докажам по општоприфатените математички методи за вреднување на компании. Тоа се софистицирани калкулации и немам намера овде да ги докажувам. По истиот метод, денешната вредност на „Усје“ е најмалку 200 милиони евра. Значи, да сумираме, менаџментот и вработените на „Усје“, во периодот пред 1998 година, откупиле 94,84 отсто од таканаречениот „општествен капитал“ на „Усје“ од тогашната „Агенција за приватизација“ и ефективно платиле околу 2 милиони евра на државата. Тие акции ги продале на „Титан“ од Грција во 1998 за цена од 27 милиони евра. Грчки „Титан“ купил компанија, со право на корситење на огромни државни природни ресурси, која во тој момент вредела најмалку 120 милиони евра.
Замислете, почитувани читатели, да сте имале можност да инвестирате 27 илјади евра во 1998, да добиете неповратна вкупна дивиденда на таа инвестиција од 136 илади евра во наредните 11 години, а потоа да можете да си го продадете првичниот влог за 200 илјади евра. Со други зборови, за прелиминарна инвестиција од 27 илјади евра во 1998, да се стекнете со вкупен поврат од 343 илјади евра по единаесет години. Бидејќи, токму тоа му беше дадено на „Титан“ од Грција од менаџментот и вработените на компанијата, но првенствено, од страна на тогашната Влада на Република Македонија преку тогашниот Закон за трансформација на претпријатија со општествен капитал. За вложените 27 милиони евра во 1998, и право на копење и користење на македонски природни ресурси, „Титан“ од Грција веќе си повлекол 143 милиони евра дивиденда од македонската економија и денес поседува компанија која комотно може да ја продаде за најмалку 200 милиони евра.
За процесот на приватизација во Република Македонија кој се случи пред 1998 сум пишувал и претходно, а во тој контекст сум ја анализирал и продажбата на Цементарница „Усје“ и во други колумни. Но, не можам а да не реагирам кога ќе видам јавно обелоденети финансиски резултати преку реклами, кои ги доживувам како ставање сол на отворена рана. Воедно, не сакам и не можам до го обвинам „Титан“ од Грција за тоа што, од нивен аспект, си направиле вистинска зделка на милениумот, користејќи ја наивноста, незнаењето, алчноста и корумпираноста на некои македонски менаџери и политичари. Таа одговорност им припаѓа на тие менаџери и политичари кои тоа своевремено го овозможиле. Воедно, и одредени слоеви од македонското општество не можат да избегнат од одговорноста што се овозможило да се случуваат вакви распродажби на државен имот. Конечно, ни случајно не сакам некој да помисли дека е можно или нужно било каква ревизија на било која приватизација, ако целта на таква ревизија би била враќање на имот. Впрочем, било каков обид да се поништи било која претходно извршена приватизација би направила непроценлива штета за Република Македонија.
Меѓутоа, вината на компанијата „Титан“ ја гледам во неподготвеноста ни со малиот прст да се обиде да му врати нешто значајно на македонското општество, кое на таа Грчка компанија и овозможи услови да прави профити и стапки на поврат на инвестицијата кои се вистинска научна фантазија.
Токму на таа тема, ќе биде посветена следната колумна.
(Авторот е економски аналитичар) |