Мислења
Рибари на човечките души
Љупчо Печијарески
Mанипулацијата станува се' попривлечна за сите оние кои, во овој свет полн со противречности, сакаат да успеат по секоја цена
„Со својот најдобар мамец ги мамам денес најчудесните човечки риби. Посебен човечки свет, човечко море – во него сега ја фрлам својата златна јадица и зборувам: отвори се, човечка бездно!“
„Така зборуваше Заратустра“, Фридрих Ниче
Откако постои свет и век, постои и една чудна сорта луѓе чија основна професија е рибарењето со човечките души. Притоа, во колкава мера цивилизацијата ги усложнува своите облици на егзистенција, во ист сооднос тие ја усовршуваат својата дејност. Денес речиси ја имаат доведено до совршенство. Основниот инструмент, основното орудие за работа, а слободно може да се каже и нивната основна животна филозофија, е манипулацијата. Со вроден талент, независно од полот, етничката и религиозната припадност, образованието, професионалната ориентираност, тие ја издигнуваат манипулацијата до степен на доктрина – облик на опстојување. На тој начин, повеќе или помалку, секако во согласност со општествените околности, манипулацијата станува се' попривлечна за сите оние кои, во овој свет полн со противречности, сакаат да успеат по секоја цена. Имајќи го предвид ова, не изненадува фактот што времето и местото во кои живееме со своите основни карактеристики: анархичност и аномичност, во чија основа се отсуството на општоприфатен вредносен систем, изгубената доверба во институциите на системот и инстант-решенијата, стимулираат дополнително привлекување потенцијални манипулатори и од страна на помалку надарените. Едноставно, без ситни или крупни манипулации тешко може да се преживее на овие наши балкански простори, а да се биде успешен - тоа речиси е невозможно. Политичари, новинари, стопанственици, претставници на јавни функции, интелектуалци...., манипулацијата ја имаат до таа мера инкорпорирано во своето секојдневно работење што повеќе и не се во состојба успешно да функционираат без нејзина помош. Таа претставува заштитен знак на нивното егзистирање.
Кога се во прашање политичарите и нивната склоност кон манипулација, тогаш најчесто станува збор за луѓе кои поседуваат способности, на еден суптилен начин, без присила, „безболно“, да ги убедат другите, речиси безус��овно да веруваат во она од што тие (политичарите) имаат најголема корист, притоа вешто криејќи ги своите крајни намери, односно криејќи ја вистината, во однос на последиците од она што треба да следува. Ширејќи полувистини и заблуди, тие ги нудат сопствените погледи и сопствените интереси како општа вистина, како остварување на заедничките потреби. Нивна основна цел е да ги натераат преостанатите да мислат на ист начин како и нив, без критичко преиспитување на кажаното, без потреба за дополнително аргументирано докажување на вистината. Моќта на овие ирационални авторитети произлегува, главно, од немоќта на другите да размислуваат слободоумно и автентично, со своја глава, од нивната патолошка потреба за авторитарни лидери – семоќни заштитници, кои во секој момент се подготвени да ги пронајдат најдобрите решенија. Во прашање е парадоксална симбиоза меѓу оние што живеат без сопствена свест за настаните, без лична дистанца кон она што се случува, луѓе кои крајно удобно се чувствуваат во толпата, на кои не им пречи застоената реа на општоприфатените (социјални, етнички, историски, идеолошки) стереотипи и оние што мислат дека се родени да бидат водачи, личности кои ни за момент не се сомневаат во своите квалитети – вождови за кои ниту една цена не е доволно висока да се плати за да се остварат „идеалите“ на масите, зад кои најчесто се кријат нивните болни амбиции за самодокажување и афирмација. Во екстремни случаи, подалечната и поблиската историја и емпириски го покажала тоа: занимавањето со политика претставува своевиден облик на психотерапија, лекување на сопствените комплекси и фрустрации, на себедоживување како семоќно суштество кое, во името на волјата на народот, може да прави што сака. Притоа, вообичаено, она што следува има катастрофални последици за сите, но тогаш е предоцна да се изменат нештата. Секако, највисоката цена ја плаќаат масите, истите оние кои безусловно верувале во квалитетите на водачот и без елементарно чувство за критичност ги прифаќале сите негови замисли и одлуки.
Масовните медиуми со својата моќ да го обликуваат јавното мислење, исто така, претставуваат потенцијален извор на манипулација. Еден дел од новинарите, зачудувачки индиферентни спрема последиците, оваа можност (понекогаш латентно, понекогаш јавно) ја користат до степен на кич и за сопствена медиумска афирмација и за обезбедување посигурна материјална егзистенција. Непочитувајќи ги основните етички постулати на професијата, продавајќи ја сопствената совест на пазарот на дегутантно евтината политичка демагогија, тие стануваат вазали на определени партии или на нивните лидери. Нивна основна задача е да му покажат на граѓанинот како да ја усогласи својата личност со наметнатиот модел на посакувано размислување и однесување, проектиран во главите на партиските налогодавци. Во својата лојалност и сервилност, несвесни за трагикомичноста на улогата што ја играат, тие истовремено се јавуваат и како креатори, но и како креатури на манипулацијата. Во секој случај, тие стануваат составен дел од еден систем на сеопшто манипулирање со кој се наметнува искривена слика за реалноста, втемелена врз изобличени вредносни ориентири, што води кон целосно дезориентирање на граѓанинот во однос на препознавањето што е вистина, а што е лага, што е добро, што лошо и, конечно, што е праведно, а што неправедно. Секако, тоа има крајно негативни последици во обликувањето на еден здрав дух на заедницата, што треба да се темели врз автентичен и критички насочен начин на осмислување на општествената стварност, односно што треба да придонесе во создавањето автономни личности кои, само преку поседување свест за сопствената индивидуалност и сопствениот персонален идентитет, ќе можат да дадат придонес во градењето на националниот идентитет – базичниот елемент за натамошниот колективен опстанок и развој.
Листата на рибари на човечки души од различни профили е долга и широка. Во согласност со просторот, не можат да бидат опфатени сите. На самиот крај ќе посветиме внимание на оние кои најмалку треба да си дозволат да бидат тоа. Погодувате! Станува збор за интелектуалците, луѓе кои со силата на својата духовност и интелектуалност, со потребата за достоинствено реализирање на својата творечка автономија, со улогата што ја имаат во општеството, со својот човечки интегритет и со кодот на моралниот чин на дејствување треба да бидат најголеми бранители на вистината, односно не смеат воопшто да си дозволат да се јавуваат во улога на манипулатори. За жал, во секојдневната животна практика не мал дел од нив забораваат на оваа света должност. Во името на комфорноста, удобниот живот, прагматските дневнополитички интереси, тие не ретко прифаќаат да бидат не само учесници туку и идеолози на процесот на манипулација. Повеќе или помалку, ставајќи ја својата интелектуалност во служба на определени политички опции, тие не само што го доведуваат во прашање дигнитетот на својата личност туку истовремено го ослабуваат и духовниот имунитет на долговековниот национален и културен простум на сопствениот етнос. Во секој случај, нивната одговорност е најголема. Интелектуалците не смеат да престанат да бидат вечни трагачи по вистината, независно од последиците што следуваат. Имено, секое општество во кое интелектуалците прифатиле да бидат рибари на човечки души се има уловено во мрежата на лицемерноста, сервилноста, духовната просечност и безидејноста. Тоа треба добро да го знае секој интелектуалец, но и секоја власт што управува со таквото општество (како и секоја опозиција што се стреми да стане власт). Отсуството на свест за тоа не ја намалува нашата одговорност.
(Авторот е универзитетски професор) |