Опасниот хлор извлечен од Кочани и складиран во ОХИС

Хлорот петнаесетина години стоеше во стара цистерна во кругот на Фабриката за хартија во Кочани
Иван Бојаџиски
Штип - Oпасниот хлор кој петнаесетина години стоеше во стара цистерна во кругот на Фабриката за хартија во Кочани викендот беше безбедно преточен во стотина боци и безбедно транспортиран до погоните на скопски ОХИС. Извлечена е количина од 5.185 литри, а во операцијата со која раководеше Соња Липиткова, заменик-министер за екологија, учествуваа повеќе релевантни државни и општински институции.
„На ова операција и' пријдовме со целосна одговорност, а подготовките за извлекување и транспорт на опасниот хлор траеја пет дена, поради дотрајаноста на цистерната во која беше складиран хлорот, која како да беше од праисториско време. Подготовките се одвиваа во најстрога тајност. Преточувањето на хлорот од цистерната во боците се одвиваше само во ноќните часови, зашто преку ден, поради мошне топлото време, не е препорачлива таква активност“, вели Липиткова.
За време на префрлањето на хлорот од цистерната во боците во дворот на Фабриката за хартија постојано дежураа противпожарно возило и возило за итна медицинска помош. За среќа, немаше никаква потреба од нивна интервенција.
Кочанскиот хлор стана голема медиумска тема пред половина година кога медиумите ја пренесоа информацијата дека во дворот на Фабриката за хартија со години стои цистерна во која, според тогашните информации, имало десет тони опасен хлор. Цистерната беше именувана во темпирана бомба, која во секој момент може да предизвика хаварија и да нанесе штета на луѓето и на нивната животна средина.
Од фабриката информираа дека хлорот е под постојан надзор и дека нема опасност од него, но објаснија дека една година барале од државните и од општинските органи да помогнат во префрлањето на хлорот во погоните на ОХИС.
„Внимателно ја проценувавме ситуацијата и сакавме во најпогодно време и со најмал ризик да го ослободиме Кочани од стравот од хлорот. Добрата организација и несебичноста на сите државни и општински институции придонесоа од овој викенд кочанчани да имаат мирен сон, барем што се однесува до она кое медиумите го нарекоа темпирана бомба“, вели Лепиткова. И во Фабриката за хартија во Кочани велат дека сега се мирни затоа што се ослободиле од опасна материја од која немаат потреба и која бесплатно и' ја дале на скопската фабрика. |