Лоша прва слика од Љубљана
Слаба игра и пораз на кошаркарите против Бoсна и Херцеговина од 55:50 на стартот од турнирот „Екс ЈУ“
Наум Котевски
Загубениот меч од БиХ на стартот на турнирот „Екс ЈУ“ во Љубљана (50:55) беше првата можност овдешната јавност со помош на Македонската телевизија да види до кое квалитативно ниво е загазена македонската кошаркарска репрезентација во подготвителниот период за настап на евробаскетот во Литванија.
Претходн�� игравме, исто така, на еден турнир во Словенија, па потоа во Бормио, но оценките на кошаркарите и селекторот Марин Докузовски кои главно одеа во насока дека се тече според планот, дека важно е што во „репрезентативниот свет царува другарство“, дека откако ќе се средиме на физички план неминовно е на тоа да се надоврзе и бараната комбинаторика и усогласеност, очигледно биле давани со малку поголема храброст, од причина што тие многу добро знаеја дека ние внимателно ќе ги слушаме, ама на невидено.
Првиот јасен сигнал од „Стожице“ генерираше прекин во тој само вербално креиран оптимизам. Центарската линија со Самарџиски и Антиќ во моментов е се' уште трома. Тоа се гледа и при индивидуалниот нивен прием на топка во рекетот, но и во играта два на два. Кирил Николовски игра солидно и завчера беше и најефикасен со 13 коша. На надворешната линија топката добро циркулира, но непотребно се инсистира само на шут за три поени (5/24 за три и 13/31 за два - Соколов и В.Стојановски имаа 2/3 за три). Тоа не е ништо друго освен алиби за недостигот на идеја во нападот.
Влатко Илиевски не блеска, но и не разочарува. Добро ја организира играта, ама од две-трите промашување при положување (по добрите влезови) се виде дека нема доволно кислород во неговите гради.
Докузовски често комбинираше со сите кошаркари кои ги имаше на располагање (единствено Александар Костовски не влезе во игра, а Мекејлеб не беше ниту на клупата) но ниту една негова петорка не успеа да одигра квалитетно во малку подолг период.
На стартот водевме со 10:2, но набргу потоа БиХ ни направи серија од 12:0, јасно порачувајќи дека допрва ќе гледаме дисконтинуитет во играта. Оттогаш па натаму противникот предводен од, за нас, вонземјанинот на Каха Лаборал Мирза Телертовиќ (најефисен со 19 коша) само го зголемуваше водството кое на стартот на последната четвртина дојде на неподносливи 20 коша разлика 33:53.
Повеќе нивното опуштање, а помалку нашата поголема ангажираност во последната четвртина направија само „козметички“ да го поправиме резултатот.
Влатко Илиевски смета дека овој меч не е вистинскиот показател на нашата реална вредност.
„Јасно е дека многу поголемо внимание даваме на физичката подготвеност. Крајно време е да го завртиме листот. Сите сме свесни за тоа. Мора да се фокусираме на кошарката и да почнеме да играме како што знаеме, а не само да шутираме за три“, вели Илиевски и додава: „Треба да одиме и на поинтензивна пикн-рол игра со Самарџиски и Антиќ. Да ја искористиме нивната височина, иако е јасно дека сме најниска репрезентација. На почетокот од секој меч погледот кон спротивната екипа ни го кажува тоа. Ни фали и еден играч на крилната позиција. Сепак, мислам дека до почетокот на евробаскетот ќе биде добро. Кога ќе почне да игра и Мекејлеб, кој на ланските квалификации стана народен херој, ќе бидеме посилни. А тогаш и јас нема да морам да играм 40 минути. Практично толку играв и за време на целата клупска сезона“, вели Илиевски, за кого деновиве се шпекулира дека ќе премине од Олимпија во Крка. Тоа тој го демантираше: „Во наредните денови се' ќе биде јасно. Ме повзруваат со Крка поради Трајковиќ, мојот тренер во Партизан. Многу го ценам. Ја знае кошарката. Но тоа не значи дека ќе бидам играч на Крка“, потенцира Илиевски.
МакедониJа - Бoсна и Херцеговина 50:55
Сала: Стожице во Љубљана
Македонија: Мираковски 5, Илиевски 6, Соколов 8, Костовски, В.Стојановски 10, Д.Стојановски 2, Мекејлеб, Симоновски, Ентиќ 2, Николовски 13, Чековски, Самарџиски 4.
БиХ: Гордиќ, Нешовиќ 8, Туљковиќ, Милошевиќ, Бавчиќ, Кикановиќ 4, Телетовиќ 19, Капелан, Ѓедовиќ 13, Бајрамовиќ 4, Варда, Домеркант 7 |