Џон Тошак нов селектор на Македонија
По средбата во Барселона со Хаџи-Ристески, Велшанецот се обврза на двегодишна соработка
Миодраг Мицковиќ
Џон Тошак, еден од најпознатите европски тренери, поранешен фудбалер на Ливерпул и репрезентативец на Велс, чиј селектор беше шест години, ќе биде нов кормилар на македонската фудбалска репрезентација. Најсветла страница од неговото богато тренерско досие е водењето на Реал Мадрид, а седеше и на клупите на Реал Сосиедад, на Мајорка и на Бешикташ.
По саботните разговори во Барселона со првите луѓе на Фудбалската федерација на Македонија, претседателот Харалампие Хаџи-Ристески и генералниот секретар Игор Климпер, Тошак ја прифати понудата во наредните две години да биде селектор на македонскиот национален тим, поточно до завршувањето на квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил. Тој ќе ја води нашата најдобра селекција во последните четири средби од квалификациите за Европското првенство против Русија, Словачка, Андора и Естонија, како и потоа во квалификациите за мундијалот во Бразил што ќе почнат во септември 2012 година. Во нашата група се Хрватска, Србија, Шкотска, Белгија и Велс.
Џон Тошак ќе допатува во Скопје на 25 август, кога ќе и' биде претставен на јавноста.
„Имавме навистина позитивни и коректни разговори. Многу брзо се договоривме околу сите детали за неговиот ангажман како селектор на нашата репрезентација“, ни рече во телефонски разговор Хаџи-Ристески. „Тошак изрази желба што почесто да ги следи натпреварите од нашата Прва лига, како и квалификациските и пријателските средби на селекцијата до 21 година, за да добие појасна слика за можностите и за квалитетот на нашиот фудбал. За разлика од претходниците, тој ќе престојува повеќе време во Македонија“.
Хаџи-Ристески ја пренесува и желбата на Велшанецот, која му е прифатена, прв асистент да му биде в.д. селекторот на сениорите и шеф на младата репрезентација Бобан Бабунски, со кого поодамна се познава и во кого има голема доверба. Заедно со Тошак ќе дојде и негов асистент, кој ќе му помага во работата преку следење на игрите на нашите противници во квалификациите, како и на мечевите од македонската Прва. За наследникот на Бабунски во младата репрезентација, пак, допрва ќе се разговара пред Управниот одбор на ФФМ.
„Морам да кажам дека сум многу задоволен од постигнатиот договор, а Верувам дека ќе бидат задоволни и љубителите на фудбалот во Македонија, бидејќи Тошак е најпознатото играчко и тренерско име што ќе работи во нашата држава. Веднаш по враќањето од Азербејџан ќе ги запознаам членовите на УО за разговорите со него, за постигнатиот договор и за финансиските услови, кои за нас беа прифатливи“, ни рече на крајот од телефонскиот разговор Хаџи-Ристески, кој од Барселона замина за Виена, каде што денеска ќе им се приклучи на репрезентативците на патот за Баку. Таму в среда ќе се одигра пријателскиот меч со Азербејџан. |