Број 2870  среда, 24 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Наука
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Фељтон

Фељтон

Македонците крем на бугарското општество (14)

Михаил Сматракалев премолчуван и заборавен

Виктор Цветаноски

„Името и презимето на Ангел Жаров (литературен псевдоним на Михаил Сматракалев), пројавен член на Македонскиот литературен кружок во Софија и еден од најголемите соработници на литературното гласило ’Македонски вести‘, (Софија 1935/36) нема да го сретнете во ниеден бугарски литературен прирачник, речник или каква и да е енциклопедија, иако тој пишувал исклучиво на бугарски јазик, а својот живот го поминал во Бугарија! Доведен во ова средина како бегалец во екот на Втората балканска војна (1913) на тригодишна возраст, тој се ангажира во редовите на македонската емиграција во Софија, пројавувајќи се во областа на поезијата, расказот, критиката и есејот, а особено во Македонскиот литературен кружок на Вапцаров, помеѓу 1938-1941 година. За жал, ете, без оглед на степенот на вредноста препозната во неговото пишување, поради верност кон земјата од која потекнал, бидува долги години прогонет, оспоруван, премолчуван. Тој претставува еден илустративен пример за таканаречените писатели со две татковини, чија судбина како да се прекршила на морален план толку многу што обете татковини лежерно го подзаборавиле, го маргинализирале!“

Овие оцени изречени од академик Гане Тодоровски ќе ја кажат сета вистина за овој голем Македонец, кој поради своето национално определување и постојаната борба што ќе ја води за македонската вистина во Бугарија, таму каде што е најтешко човек јавно да каже дека е тоа, ќе биде лишен од сите привилегии што ги уживаат луѓето со неговиот интелектуален капацитет. Сматракалев никогаш не отстапи ни педа од своето национално убедување кое заедно со Вапцаров и многу други македонски дејци ќе го манифестираат на средби во Софија на Македонскиот литературен кружок во годините непосредно пред војната.



Сматракалев жестоко полемизира против сите тие што ги негираат Македонците и ја протежираат бугарската шовинистичка доктрина. На една дебата за македонската нација што се водела во Софија во февруари во 1946 година, која на македонската јавност и' стана достапна неодамна по објавувањето на книгата „Македонската емиграција во Бугарија 1944-1950 година“ од академик Иван Катарџиев ќе рече дека повеќе Македонци кои претендираат дека се македонски патриоти тоа прашање го поставуваат непатриотски и дека еден патриот не може да има никакви дилеми дали постои или не постои македонската нација.

„Македонската нација е крупен факт што го гледаме пред нашите очи. Таа се развива и расцутува. Не само што ја признаваме ние туку цел свет ја признава. Официјално, македонската нација се призна уште во г. Јајце од Советскиот Сојуз, Англија, Америка и од сите прогресивни народи. Во оваа положба, да го негираат овој факт, овие Македонци кои претендираат дека се македонски патриоти, најмалку да се посомневаат во овој факт, тоа за мене значи дека тие не се македонски патриоти“, ќе рече Сматракалев.

Во полемичката расправа со луѓето што застапуваат пробугарски ставови тој подвлекува дека Гоце Делчев и неговите другари се бореле со голем стремеж македонскиот народ да си изгради своја самостојна држава, а тоа означува дека тој се чувствува како нешто одделно од бугарскиот народ и од бугарската држава, а тоа значи дека се чувствува како одделна нација.

На забелешките на неговите противници дека многумина револуционери велеле дека се Бугари, Сматракалев ќе одговори. „Претставете си една картонска кутија на која пишува ’Бугарин‘, а што има во кутијата не ве интересира. Ние, за разлика од вас, го фрламе картонот и се интересираме за суштината што е во него. Не гледаме што пишува на капакот од сандакот, туку го отвораме и внимаваме што има внатре“, ќе објасни Сматракалев. Притоа, тој како поткрепа на тие тврдења ќе ги изнесе искажувањата на Јане Сандански, кој во 1905 година на своите другари ќе им советува „дека треба да се работи да се разбуди сознанието на масите дека се тие самостоен народ, дека имаат право на слободен живот, дека треба да се борат за изборување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, бидејќи тие кога би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги заробат“.



По ослободувањето на Македонија, Сматракалев ќе сака да дојде во Скопје да и' помогне на младата држава, зашто е свесен дека и' требаат млади школувани кадри, но очигледно тогашното македонско раководство на Македонците што доаѓале од Бугарија ќе гледа со недоверба. Во 1946 година на една средба со Лазо Колишевски заедно со Кирил Николов ќе му ја пренесат таа негова желба.

„Не' прими многу љубезно. И започнавме разговор. Му кажавме што работиме во емиграцијата и за нејзиното безрезервно расположение во корист на Македонија. На крајот му ја кажавме нашата желба: да дојдеме да работиме во корист на младата република. Тој без да размисли и да се праша себеси што да ни одговори, природно ни рече, оти тоа го сакат и тие и така ќе биде. Му рековме, оти ќе треба да решат каде да не' испратат да работиме, зашто имаа претстава за нас и за нашите можности. Откако се вративме, попусто очекувавме повик за работа. Сите велеа ќе биде, но ништо позитивно не се случи. И ние, се разбира, останавме во Софија, а потоа по решение на ЦК на БКП заминавме за Неврокоп“, пишува Сматракалев по средбата со тогаш првиот човек на Македонија.

Тој вели дека односите на тогашното раководство на младата држава спрема Македонците во Бугарија, најблаго кажано, биле резевирани. „Кога еднаш Павел Шатев веднаш по 9 септември 1944 година со автомобил дојде да ме кани за заменик-министер на правосудство, јас се согласив, но тој не ги имаше прашано големците и кога се вратил и ги прашал, тие му откажале“, пишува во своите спомени Сматракалев, кој тогаш бил дипломиран правник.



Навистина, македонската власт еднаш му предложила да дојде во Македонија и да го води филмот, но не се согласил, зашто, како што вели, никогаш не се занимавал со филмско производство, а и не верувал дека ќе си достојат на зборот. „Не ме прифатија само мене, но и Киро Николов, Абаџиев и Митко Зафировски ги примија, но тие од Бугарија избегаа демонстративно. Кога се распламтеа расправиите меѓу нас и Југославија, кога се анатемисаа Југославија и нејзиното раководство во Информбирото, работите сосема се растурија и дури и не помислував да одам во Македонија. Мислев, оти таму ќе ме сметаат за информбировец и ќе ме проследуваат“, истакнува тој.

Македонската јавност за делото на Михаил Сматракалев долги години не знаеше речиси ништо. По објавувањето на неговите трудови од д-р Васил Тоциноски ќе се дознае колку голем Македонец бил тој, колку жртвувал и колку му било тешко да опстојува на македонските позиции. Како повеќемина Македонци во Софија, и тој можеше да згази врз сопственото човечко и национално достоинство, да каже дека е Бугарин и сите проблеми на кои наидувал во државата, која никогаш не го прифати, ќе исчезнеле. Но тој си остана Македонец се' до смртта.

Почина во 1998 година. На неговиот погреб ќе дојдат малку луѓе, само тие што му беа искрени пријатели и почитувачи на неговото дело. Неговото семејство ќе нема доволно пари да му купи гробно место на софиските гробишта, па ќе мора да го кремира и да го смести во еден мал бетонски саркофаг и да го постави во редицата на анонимните и сиромашни софијци. Македонската држава не направи ништо да му помогне на семејството да биде погребан подостоинствено, ако ништо друго да има свој гроб за да можат Македонците на годишнините од смртта да му оддадат почит и да положат цвеќе.

(продолжува)


Статијата е прочитана 631 пати.

Испрати коментар

Од: Kocin-Sydney
Датум: 24.12.2008 02:24:08
Potresna biografija za edenen oddan sin na Makedonija. Dali ushte deneshnive vladi na MKD ne kje najdat nachin i vreme da im se izvinat i oddolzat na Matrakalev i mnogu kako nego zasluzni Makedonci?! Barem nivnite koski da miruvaat vo sakanata tatkovina za koja cel zivot chezneele i se borele da ja vidat slobodna i obedineta.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Фељтон