ЕДИТОРИЈАЛ
Озаконето лихварство
Мирче Јовановски
Министерството за финансии, по се' изгледа, конципира прилично оригинален начин како да застане на патот на една од најстарите професии - лихварството.
Откако, веројатно, заклучија дека на лихварите не може да им се стави пломба, бидејќи, нели, како и дивиот шанк во Струга, немаат врата што надлежните инспекции може да ја пломбираат, од Финансии се решија на поелегантна варијанта - да ги легализираат се' побројните фирми и поединци кои преку разни ��гласи нудат заеми.
Тие, пак, толку се намножија и се осилија што секојдневно можат да се најдат и преку малите огласи. Камата? Ситно, пет отсто месечно, со прилично цврсто обезбедување за дадените пари - закани, уцени, автомобили во залог, па дури и закани од физички ликвидации... Лихварите се тука, секогаш кога некому ќе му затребаат - во казината, обложувалниците, но и кога некој што води легален бизнис ќе се најде во тесно и ќе му притребаат ликвидни средства, или да плати некоја неодложна обврска. Речиси станавме лихварска држава. Неволјите доаѓаат подоцна, кога ќе стаса за плаќање ратата зголемена за лихварските камати.
Откако министерот за финансии, Зоран Ставрески, завчера ги промовира новите законски решенија, кои допрва ќе треба да ја добијат и собраниската верификација, се огласија сите: експерти, Народна банка, банкарите... Сите, освен оние најзасегнатите. Лихварите засега молчат.
Прашање е дали тие се најдоа во великодушната владина понуда да се регистрираат и да вложат за нив незначителни стотина илјади евра и со тоа да добијат црно на бело да зајмуваат пари, да одобруваат кредити, дури и да издаваат кредитни картички, односно да навлезат во еден сосема нов сегмент за нив - безготовинско плаќање. Многумина не се сомневаат дека таквите вештини лихварите експресно би ги совладале. Сосема поинаку стојат работите со висината на каматата што законодавецот ја предвидел за ваквата легализирана дејност. Имено, таа е ограничена на 13 отсто на годишно ниво, што кај многумина буди скепса дали ќе биде доволна провокација лихварите да ја префрлат својата дејност од сивата зона во легалната. Дури и оние на кои економијата и каматната стапка не им се посилна страна ја воочуваат огромната разлика меѓу пет отсто месечно и 13 отсто годишно.
Сепак, владината иницијатива не би требало однапред да се отфрли, односно пред да се види дали ќе има некакви ефекти.
Повозрасните паметат дека пред дваесетина години на најпрометните улици низ цела Македонија доминираше една грда слика на која надлежните никако не можеа да и' застанат на патот. Станува збор за дилерите на девизи, кои мавтаа со купишта пари пред очите на минувачите и пред возачите кои застануваа на раскрсниците. Не помагаа ниту полициските рации ниту инспекциските контроли. Напротив, таквите легални акции само долеваа масло на огнот, па повеќепати бевме сведоци на прилично наелектризирани и конфликтни ситуации.
Решението за многумина беше неочекувано: менувачкото работење престана да биде ексклузивно право на банките, односно со таква дејност легално почнаа да се занимаваат и оние што занаетот го испекоа на улица.
Дали и во овој случај државата ќе извојува победа, тешко е да се прогнозира. Но, она што паѓа в очи е што сега Министерството за финансии сака да покаже мускули, па во целата оваа работа ја тргна настрана Народна банка на Македонија, која, сепак, има и кадар и инструменти (а тоа е и дел од нејзината работа) да ги регулира финансиските текови во земјава.
Експертите, секако, се во право кога велат дека ваквите фирми нема да бидат конкуренција за значително посилниот банкарски сектор. Но, прашањето е во принципите, особено што покрај кредитите се предвидува и работа со кредитни картички, а тоа, сепак, во некоја рака е креирањето на парична маса, па макар тоа било и во мал обем. |