Број 3613  петок, 24 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Мислења

Мислења

Искреноста е невозможна мисија

Јосиф Ќурчиев

И на највисокиот престол мора да се седне на својот задник

БЕЗ РАКАВИЦИ

Седи бивша позната личност пред празен лист хартија, или, ако сакате современо, пред празен екран на лаптоп, кој чека да биде исполнет со неговите „Сеќавања“ или „Спомени“ (најчести наслови на нечии мемоари) и се прашува: можам ли да ја соопштам вистината за она низ што минав, за она на кое присуствував, за она кое самиот го правев или не го направив поради оваа или онаа причина? Колку вистини содржат таквите „Сеќавања“ односно „Спомени“? И ако не, зошто? И, дали вистините, ако веќе се спакувани во обланди, можат да ни го претстават животниот пат на познатите? Ако не можат, зошто воопшто се пишуваат мемоари?

Оправдувањето за „обландирањето“ може да се најде во афоризмот на Емброуз Бирс: „Спомени: тоа е оној дел од нашиот живот кој можеме да го раскажеме без да црвенееме“. „Јасно, пишува Чеслав Милош во предговорот на неговите сеќавања под наслов „Втора Европа“, дека овој афоризам би можел да ги излади љубителите на искреноста. Искреноста е невозможна, и колку повеќе се задржуваат нејзините привиди, толку повеќе расте улогата на конструкцијата. Претендирајќи да се кажуваат недостижни вистини, се лаже, бидејќи се исклучуваат настани што не' прикажуваат во неповолна светлина“. Дури и да се случи авторите да откријат задоволство во самокритичноста, вели Милош, и ако од страв кон лажноста акцентот го ставаат врз сопствените грешки, можеме да бидеме уверени дека во нив дејствува ваква или онаква автоцензура, па никогаш нема да допрат до дното. „Премолчувањето на некои периоди важни за нас, но кои бараат премногу личен клуч, ќе биде доказ за почитување на подрумите кои постојат во секој од нас и кои е подобро да бидат оставени на мира“.

Во изминативе повеќе од четири децении работење како новинар, професионалниот ангажман бараше да читам автобиографии на политичари што оставиле, или мислеле дека оставиле белег во својата активност на различни високи позиции во нивните земји и на меѓународната сцена. Не е можно да се генерализира, би било и неправедно, дека сите не допреле до сопствените подруми и биле неискрени кога изнесувајќи сеќавања ги заобиколувале деликатните моменти, внимавајќи посебно на фактот дека актерите со кои имале контакт можеби се' уште се живи. Но, една карактеристика остава силен впечаток, пакувањето во кое ги завиткуваат токму тие деликатности. Специфичен пример се „Сеќавањата“ на Ханс Дитрих Геншер, долгогодишен шеф на германската дипломатија во неколку влади и две коалициони комбинации – еднаш со Социјалдемократите, подолго со Демохристијаните во Владата на Хелмут Кол. Кога се појави неговата книга, коментаторите ја вброија во оние „празните“, иако имаше 1008 страници, но затоа, пак, за тоа доби 8 милиони. Секако, не читатели, туку тогашни германски марки, хонорар. Се разбира, јас не сум ги читал сите такви „мемоари“ и тешко можам да направам релевантна споредба.

Значи, освен ретките мемоари што имаат многу литературен сок, како на спомнатиот Чеслав Милош, или оние на Винстон Черчил за кои доби и Нобелова награда за литература и уште едни кои, можеби токму за да не бидат критикувани како „празни“ Андре Малро ги објави под наслов „Антимемоари“, тие на политичките актери треба многу критички да се опсервираат. Едноставно, не допираат до сопствените и до подрумите на нивните сопартијци и соговорници, зашто сигурно се свесни дека од таму би можела да се прошири неподнослива миризба.

Сето ова, меѓутоа, има и актуелно значење за сегашните актери на политичката сцена. Познато е дека оние што ги држат дизгините на власта, каде и да се, кога ќе се најдат во теснец, особено од прашањата на „здодевните“ новинари, секогаш демантираат кога тие прашања се непријатни. Примери има многу и овде кај нас и во светот. Ама, што да очекува јавноста? Да признаат? Не им паѓа на крај памет! Се знае дека признанието значи и губење на позицијата. А, толку многу се бореле за неа!

Се' уште се живи сеќавањата за аферата Вотергејт поради која тогашниот американски претседател Ричард Никсон и покрај жилавата битка да опстане, мораше да поднесе оставка, иако вината за директната инволвираност беше изнесена на виделина со сите детали. Тој не ја призна ниту во обраќањето до јавноста зошто се повлекува. Го направи тоа многу подоцна, веќе како пензионер, во интервју! Ама, каква корист тогаш. Слично е и со „сеќавањата“ или „мемоарите“ на политичките актери. Некои од признанијата соопштени многу подоцна откако настаните загубиле секакво значење, немаат важност дури ниту за истражувачите на современото минато. Всушност, фактите за нив се појавуваат многу пред таквите книги. Единствено, можеби, само го потврдуваат, и тоа најчесто делумно, она што други веќе го откриле.

Сигурно е исто така, дека не секој од значајните актери има дарба своето минато да го стави на хартија и да објаснува настани, луѓе, или места. Ако веќе се инсистира, тогаш тоа за нив го прават други, вешти во таа професија, а „сеќавањата“ само формално го носат потписот на фигурата. И не секогаш тие вештите се некаде запишани, макар и на маргините. Сепак, за добар хонорар, се согласуваат на „соработка“. Освен ако и тие не решат да пишуваат некакви мемоари во случај да го надживеат „авторот“. Има ова уште една страна, која, според мене, е жална. На пример, што би напишале во своите „сеќавања“ Хитлер, Борман, Менгеле, Сталин, Берија...Или, Садам Хусеин, можеби Осама бин Ладен (освен ако неговите не се појават посмртно како „автентични“). Баш би било интересно со „книги“ да се појават Берлускони или Саркози, можеби Меркел или Путин, зошто не и нашите, на пример, „Транзицијата и по неа“, „Мемоари на еден антидемонстрант“, „Еден глас – две евра“ итн, за да ги мериме според јавните изјави, оние што ги снимиле ТВ-камерите и нивната интерпретација на настаните на кои новинарите биле сведоци, а сепак како да не биле!

Од оние, јас ќе ги наречам „текстови“ што минале низ моите раце, уште нешто може да се заклучи: неодоливата желба на пишувачите себе си да се стават во прв план, а во исто време своите одлуки, решенија и дијалози да ги ставаат под графата „единствена алтернатива“, политичарска флоскула која нема никаква логика кога би се разглобило значењето на зборот алтернатива. За мене, ќе спомнам само некои, таков „вкус“ имаат не само „сеќавањата“ на Геншер, туку и оние на Ричард Холбрук за војната и мирот во Босна и Херцеговина, па оние на Роберт Макнамара за војната во Виетнам, или на некои од генералите од Втората светска војна, меѓу нив и Патон, и Бредли, и Монтгомери полни со неприкриена самозаљубеност.

Меѓутоа, како што запишал Монтењ некаде во средината на 16 век, само „човекот што умее правилно и чесно да ужива во своето битие е скоро апсолутно и божествено совршен. Ние сакаме поинаква позиција затоа што не умееме да уживаме во сопствената и излегуваме од себе затоа што не знаеме како е во нас. Според тоа, залудно е да се качуваш на штули, зашто и на штули треба да се оди со сопствените нозе. И на највисокиот престол, сепак, седиме само на својот задник“.

(Авторот е новинар)


#
Статијата е прочитана 752 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Мислења

"""