Проблемот со името само врв на проблемите
Проблемот со името е само врв од „ледениот брег“ од проблеми што ги има Македонија со соседите – изјавил еврокомесарот Штефан Филе пред бугарските европарламентарци, кои деновиве имаа средба со него за да се пожалат за случајот Спаска Митрова. Според нивните тврдења, Филе најавил дека нема да толерира вакви однесувања, но решавањето на проблемите го одложил, главно, за подоцна кога Македонија ќе ги започне преговорите за членство и ЕУ ќе има повеќе инструменти да дејствува.
Како што е познато, по повеќе од еден месец чекање, шестмина бугарски европарламентарци од сите политички групации бараа средба со еврокомесарот за проширување за да му се пожалат околу односот на македонските власти кон граѓаните што се определуваат како Бугари во нашата држава, издигнувајќи го „случајот Спаска Митрова“ на ниво на проблем во функционирањето на судскиот систем во Македонија. Формално, тема на средбата биле „предизвиците околу евроинтеграцијата на Македонија“, а во текот на едночасовната средба еврокомесарот и парламентарците разговарале за актуелните прашања од билатералните односи, за почитување на човековите права на граѓаните со бугарско чувство во Македонија и во тој контекст за исполнувањето на Коппенхашките критериуми. Филе, според бугарските тврдења, најавил дека ќе ги следи внимателно односите на Македонија со соседите, но истакнал дека е важно што сите бугарски политички сили изразуваат исто мислење во однос на прашањата врзани за интеграцијата на нашата држава во ЕУ. „Целта не ни беше да и' наштетиме на Македонија, туку обратно, да дадеме основа за европски стандард во добрососедските односи и во почитувањето на човековите права“, изјави Евгениј Кирилов. „Ние како бугарски државјани дадовме јасен сигнал дека нема да толерираме случаи како што е овој со Спаска Митрова и дека ќе ги браниме своите национални интереси“, го дополни европарламентарката Надежда Неински.
Ова не беше прва интервенција на бугарските европ��рламентарци околу „случајот Митрова“, бидејќи претходно слични барања упатуваа и кон еврокомесарот Оли Рен и пишуваа парламентарни прашања, без некаков поголем ефект. (Н.Р.) |