Што прават денеска
Снежана Коневска-Руси
актерка
Денот ми е исполнет и испланиран речиси до минута. Претпладнево сум во Куманово, каде што гостуваме во театарот со детската претстава „Снежана и 7. џуџиња“. Ќе се дружиме со децата од Куманово на четири претстави. Попладне во Скопје имам состанок со новиот директор на МНТ, а денот завршува со синхронизација на цртани филмови.
Горазд Чаповски
музичар
На ден на концерт логично дека се' се врти околу подготовките. Вечерва, во 21 ч. во клубот „Колосеум“, во рамките на фестивалот „Таксират“, со „Мизар“ правиме концертна промоција на албумот „Детето и Белото Море“, каде што гостува и хорот „Хармосини“. Иако се' е договорено, мислата цел ден е насочена на концертот.
Тања Алексиќ
професорка и ТВ-водителка
Претпладнево сум преокупирана со монтажата на новата емисија од серијалот „Сексуална азбука“, која ќе се емитува в петок на МТВ, во терминот од 22,15 ч. Попладне, пак, се посветувам на мојата обврска како професорка по македонски јазик и ги одржувам часовите со моите ученици во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. |