Скопјанец уапсен поради изнуда
Л.Е. (28) барал 5.000 евра од 38-годишен скопјанец, наводно, за да го расчистат меѓусебниот долг
Горан Адамовски
Дваесет и осумгодишниот скопјанец Л.Е. е уапсен поради сомневање дека изминативе десет месеци изнудувал пари од 38-годишен скопјанец. Според полицијата, Л.Е. му се заканувал на скопјанецот, барајќи му 5.000 евра под изговор за наплата на наводен нивни меѓусебен долг. Пред три дена го натерал да му исплати рата од 750 евра, со што сторил кривично село изнуда, велат од полицијата.
Приказната започнала минатата година, кога оштетениот се запознал со Л.Е., од кого во три наврати зајмил пари во висина од 4.000 евра со месечна камата од 10 отсто, која заедно со главнината требало да му ја исплаќа секој месец. Според истрагата, во текот на 2008 година, оштетениот на Л.Е. му исплаќал месечни рати со задоцнување, поради што Л.Е. му го зголемувал долгот, засметувајќи му двојна камата за секоја задоцнета месечна рата. Пред три недели, Л.Е. побарал 5.000 евра од скопјанецот, заканувајќи му се дека ќе го убие, по што жртвата го пријавила случајот во полиција.
По договор со инспекторите, скопјанецот пред три дена се сретнал со Л.Е., му ги дал парите од првата рата, си заминал, по што изнудувачот бил уапсен. Кај него биле пронајдени и обележаните 750 евра. Во МВР информираат дека уапсениот и претходно бил пријавуван за насилство и трговија со дрога. (Г.А.) |