Притвор поради измама со кредитни картички
МВР поднесе кривична пријава против С.Е. (34) од Скопје, сопственичка на фирмата „Масо аксесоари“ од Скопје, поради оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.
Истражен судија веќе и' одреди едномесечен притвор. Според МВР, таа во 2007 и во 2008 година направила фалсификувани платежни картички, така што на бланко-картички вметнала вистински податоци од платежни картички на странски државјани, кои ги поседувала нелегално.
„Преку употреба на надворешна компјутерска единица – ПОС-терминали на три домашни банки, извршила 198 нелегални трансакции на парични средства, од кои 144 неуспешни нелегални трансакции во износ од 26.589.546,00 денари, како и 54 успешни нелегални трансакции, со што се стекнала со имотна корист од вкупно 4.048.519,00 денари“, соопшти МВР.
Истрагата утврдила дека на слиповите стојат податоци од фиктивни лица (странски државјани), кои се разликуваат од податоците на сопствениците на платежните картички, чии податоци се употребени на фалсификуваните платежни картички, или, пак, на слиповите воопшто не постојат податоци за сопственикот на картичките.
„Од извршениот увид во трансакциите, кои се вршени на ПОС-терминалите во фирмата, констатирано е дека, освен трансакции со фалсификувани платежни картички, не се вршени други трансакции“, велат од полицијата. (Г.А.) |