Мислења
Живот вреден 450 денари
Филип Петровски
Ни продаваат вредности што не вредат ни пет пари за нив. Ама ни ги продаваат со надеж дека за тоа ќе дебатираме и ќе се расправаме меѓу себе
Секако дека не може да се напише релевантна колумна, мислење, а да се прескокне информацијата дека во Штип наркозависник уби човек за 450 денари. Ова е и тоа колку сериозен показател како стојат работите. Показател дека енергетското ниво е дојдено на ниво каде што веќе се' станува дозволено и каде што човечкиот резон преминува во животински нагони. Овој случај, секако, сите ќе сакаат да го сметаат како изолиран, како небитен, односно како нешто од што не смее да се извлече генерален заклучок. Јас ќе го сторам токму о��ратното. Затоа што мислам дека може да се генерализира. Оти не е изолиран, оти не е случен еднаш во неколку децении, години.
Станува лесно воочливо дека вакви случаи на убиства, малтретирања, деградација на секаква морална и човечка вредност, се дел од нашето секојдневје. Додека власта на големо си снима реклами што пропагираат семејни вредности и доблест, во една напорна и одбивна конзервативна обланда, ова се случува по улиците на речиси сите македонски градови. И немаше да ми биде проблем да не ги познавав.
Да бев од некоја друга држава, ќе си мислев дека, богами, овде имало партија на власт, која контролира се' во државава, која има толку голема поддршка што има право да го менува концептот на државата според свој терк, а народот на тоа воскликнува со занес. Оти и народот си сака конзервативни вредности. Тоа и е можно да се замисли во некоја супер развиена држава, во иднината, која се средила, која животот на граѓаните го довела до степен на таков развој што сега преостанува да се дебатира за вредности што немаат врска со стандардот, туку се дел од филозофскиот концепт за животот. Такво нешто денеска верувам посакуваат и Германија и Франција, секако, и Кина, САД и Русија. Да се постигне такво ниво на развој кога задоволното граѓанство ќе дебатира за вредностите што треба да ги промовира државата. Тогаш, во идеалната (утописка) варијанта нема да има криминал и во никој случај убиства за 450 денари. Но, верувам дека ќе се согласите дека сме далеку од таа идеална држава и дека имаме уште многу пат да изодиме дотаму. Да се потсетиме дека живееме во време кога на секој му станува се' потешко да преживее од први до први. Во време кога цените растат како луди, кога бензинот станува луксуз, кога струјата и парното ви ја земаат речиси цела плата. Знам колкава мака претставува тоа за секое семејство, колку товар и проблеми создава секојдневно и затоа ви тврдам одговорно кога ќе ги видат рекламите за семејство и секакви конзервативни вредности што ги натура Владата со сила, дека се создава контраефект. Особено што за тоа во последно време се' повеќе се создава јавно мислење дека не се вредности во кои веруваат самите тие што ги пропагираат. Настрана што се зборува дека од секоја кампања се наплаќа по нереално високи цени, при што стотици илјади евра завршуваат во непознат правец.
Дали сум во право проценете според случајот на амбасадорот Перо, нашиот љубовен херој од Австралија. Кој ги наполни насловните страници на тамошниот печат. За тоа веќе пишував и нема повторно да навлегувам во деталите, но има една димензија што ги допира конзервативците и ги соголува, покажувајќи дека тие, всушност, и не се конзервативци, туку обични актери, кои си нашле бина (македонската јавност) и глумат ли глумат. Како што е Господ, никој не е, рекле нашите стари. Додека дома ни глумат, ни продаваат приказни, љубовџијата растура по Австралија. Прави триаголници, многуаголници, се жени, се разведува и слично. Да не се разбереме погрешно, по овие прашања јас тендирам да бидеме полиберални, но во овој случај зборуваме за продавање на конзервативната агенда на сите нас, а во која не веруваат самите актери. Што се случи? Претседателот Иванов даде соопштение дека нема да го отповика амбасадорот затоа што бил задоволен од него. Знаете дека Иванов е дел од оваа „конзервативна гарнитура“, односно е еден од нејзините идејни творци. Па затоа е нејасно во што го гледа конзервативното, просемејство однесување на амбасадорот, кој е, исто така, дел од неговата гарнитура?!
Да беа само малку помудри ќе го разрешеа за да го покријат скандалот. Ќе му најдеа по некој месец некоја друга работичка. Се гледа дека не го оставаат да е без работа во минатите години, дека им е важен играч. Ама ќе му кажеа дека е потребно да се стрпи додека да се подзаборават неговите авантури. Но, кај нив има и еден инает, кој накратко може да се објасни со следните зборови „сега ние сме на власт, тие ли ќе ни кажуваат како да работиме, вредности се оние работи за кои ние ќе кажеме дека се вредни“. Се надевам дека ова ве навредува, поточно го навредува вашиот резон. И треба. Оти не влечат за нос цели 5 години. Ни продаваат вредности што за нив не вредат ни пет пари. Ама ни ги продаваат со надеж дека за тоа ќе дебатираме и ќе се расправаме меѓу себе, во нашите мали светови и нема да ја видиме поголемата слика.
Истовремено, во нивни тесни кругови ни се смеат и си велат колку било лесно да се владее на ваков начин. Од проверени извори знам дека во ДПМНЕ постојат две силни струи и неколку помали стру��чки што се во состојба на договорен ДЕТАНТ. За да трае што подолго овој циркус. Односно, за да можат да останат поблиску до државните пари што подолго. Тие и самите сфатиле дека ако ги отворат кавгите, с1 ќе отиде по ѓаволите за кратко време. И затоа молчат. Мудро ги оставаат кавгите за некое друго време. На јавноста и' продаваат вредности во кои не веруваат, а во меѓувреме, газат се' пред себе. Во име на тие вредности. Цела среќа за нив што системот долго време не можеше речиси никој да им го провали. Убаво беше скриен. И, секако, среќа за нив што СДСМ беше (и е) во нокдаун.
Но, сега сметам дека доаѓа времето кога ќе дојдат сите сметки да се наплатат. Се' што се криеше, потиснуваше ќе излезе на видело. Можеби не утре или задутре, но созреа времето да се види дека не' држеа во заблуда намерно за да остваруваат некакви агенди кои не се баш блиски до чесно владеење и конзервативната агенда.
П.С. сега не ќе е лошо делови од ова мислење да ги преобјави Латас за да си помислам дека само кога сакаат да го напаѓаат Љубе од мене преобјавуват делови. Ако е професионалец, нека преземе некој ред и сега. И не само тој, истото се однесува и на другите нивни поддржувачи, добро платени непрофесионалци.
(Авторот е доктор по политички науки) |