Мислења
Зошто Американците се толку добри во лидерството
Кенет Вајсброд
Американскиот политички систем никогаш не бил замислен за да владее со светот
На неодамнешниот годишен состанок на Американското економско здружение имаше општ песимизам за иднината на САД. „Ерата на американската доминација е завршена“, изјави еден економист.
„САД треба да се подготват за социјални безредија и да обвинат кој е одговорен за прокоцкување на глобалната супериорност“, рече друг.
Таа сторија сме ја слушнале многупати порано, не само во САД, туку и на други места. Контроверзната историја на Џорџ Денџерфилд „Чудната смрт на либерална Англија“ го опишува ненадејното пропаѓање на неговата земја во екот на моќта на крајот од минатиот век. Светот што секој го познаваше, се чинеше дека едноставно и необјасниво исчезнува. Многу Американци - на пример, приврзаниците на Ти парти - стравуваат дека нешто слично се случува со нивната земја. Или дека веќе се случило.
Денџерфилд ја базира неговата дијагноза на напречен пресек на институциите, политиката и личностите, наспроти огорчената класна војна на времето. Американците, сепак, генерално беа против класна војна. Секако, САД се седиште на крута, иако споредливо флуидна, класна структура уште од основањето. Но, Американците едноставно не сакаат да зборуваат за тоа, дури и кога плачат по лудориите на „елитата“. Речиси сите Американци, освен најбогатите и најсиромашните, се дефинираат како „средна класа“.
Сепак, на место е прашањето дали американскиот начин на живот ќе го преживее 21 век и, доколку е така, дали ќе преживее во Америка или ќе мигрира на некое друго место, додека американската економија и политичкиот систем пропаѓаат под акумулирана тежина од децениите на кратковидо национално лидерство и прокоцкани можности. Всушност, неодамнешната посета на кинескиот претседател Ху Џинтао во Вашингтон многумина, особено многу Кинези, ја сфатија како предавање на факелот.
Песимистите укажуваа на тоа долго време. Оптимистите, рекламирајќи го БДП и другите индикатори, ќе продолжат да инсистираат дека на Американците никогаш не им одело толку добро. Доколку постои некаков континуитет што вреди да се нагласи, тоа е редовната кохабитација на издигнувањето со опаѓањето: американската чаша секогаш е истовремено полна до половина и празна до половина.
Не случајно за време на владеењето на Реган/Буш - последен пат толку самоуверено надворешната политика се совпадна со толку големи дефицити - можеше да се појави книга како онаа на Џозеф Нај „На пат да води“ (1990), по примерот на „Подемот и падот на големите сили“ на Пол Кенеди (1988). Во првата беше нагласена неопходноста од американска глобална хегемонија, а втората предупредуваше на „владетелско прекумерно протегање“. Двајцата автори ги базираат нивните аргументи на проценката на основниот контекст, односно структурата, на светската сила. Америка прекумерно се протегаше бидејќи нејзината глобална пасива се повеќе беше во нерамнотежа со националната актива, и беше на пат да води бидејќи светот, каков што го познаваме, е поволно уреден за да го направи тоа.
Слични аргументи беа наведени и неодамна. Писателите Параг Кана и Фарид Закарија ги повторија аргументите на Кенеди, Нај и предците како Хедли Бул, признавајќи дека САД мора да го одведат светот од „нов средновековизам“ сред „подемот на останатите“ и релативната стагнација на „Запад“. Но, дали тие писатели имаат валидна поента? Ако погледнеме на моментите на т.н. структурана конвергенција - особено 1880-тите, 1920-тите, 1950-тите, 1960-тите и 1990-тите - забележуваме дека изворите на американскиот просперитет и моќ се појавувале во глобален контекст, за повторно да исчезнат. Можеби подемот и падот е повеќе цикличен отколку линеарен феномен.
Или можеби не е ништо од тоа. Варијаблата која недостига во повеќето од тие аргументи, дури и кај Нај, е лидерството. Лидерите никогаш не се предодредени да се издигнат и паднат само од околностите. Повеќето историчари го поставуваат лидерството во преден план на човечката историја, а структурните варијабли имаат условна, не причинска, вредност. Дури и под најбогатото тло, пишува Денџерфилд, можеби лежи најопасниот остаток од неслогата и уништувањето.
Зошто Американците се толку добри во лидерството? Дали Американците се посебно благословени, или едноставно се среќни? Сега, кога САД конечно почнаа да се движат, постепено и смислено, далеку од страстите што го карактеризираа одговорот на државата за терористичките напади од 2001 година, вреди да се постави прашањето дали Бил Клинтон беше во право кога рече дека вредностите и активата на Америка секогаш преовладуваат во однос на пороците и грешките.
Споменатите автори се помалку заинтересирани за суштината на моќта отколку за нејзино спроведување. Тие повеќе би сакале САД да станат пософистицирани во светот. На пример, Кана бара од Американците да учат од Византиското царство за создавање на комплексни и нејасни алијанси меѓу големите и малите држави и недржавните ентитети, така што дипломатијата ќе наликува на нешто како глобалниот пазар на деривати. Американците не го прават тоа посебно добро, колку и да изгледа византиска политиката и креирањето на политиката на нивната земја. Тоа пак не' враќа кај структурата.
Американскиот политички систем никогаш не бил замислен за да владее со светот. Контролите и рамнотежите беа со цел да се осуети таква мисија во рацете на семоќните извршители, и постои сомневање дека Американците вечно би поддржувале таков активизам.
Тајните на американскиот успех се транспарентни, а сепак тешки да се измерат. Прагматизмот, опортунизмот, непристрасноста, инвентивноста, приспособливоста, оптимизмот, и пред се' наследената конкурентност на Американците ги неутрализираат нивните тенденции за насилство, нетрпеливост, надменост и непредвидливост, нивната наклонетост кон новитети и публицитет за самите нив, и нивното масовно наметнување - за да стигнат, како што сакаат тие да кажат, „најбрзо од повеќето“. Оние кои ја разбираат длабоко вкоренетата страст на Американците „да го направат тоа“ знаат зошто класна или каква било друга граѓанска војна не успеа да ја уништи Америка одвнатре. Американскиот карактер преферира преселување наместо уништување, победа наместо нулта резултат. Тоа се' уште е така, и дома и во странство.
(Авторот е дипломатски историчар. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мреажата на „Проект синдикејт“) |