ЕДИТОРИЈАЛ
Стопанството на принуден пост
Нина Нинеска-Фиданоска
Кој сега лаже? Компаниите што упорно тврдат дека државата не им плаќа буквално за ништо, или Владата, која не престанува да убедува оти кон никого не останала должна? Некој сигурно не ја кажува вистината, бидејќи не е можно околу едно исто прашање да има толку дијаметрално спротивни одговори.
Но, барем ако се суди според тоа како досега кон својата јавност се однесуваа нашите власти, некако изгледа дека тие ќе се оние што, најблаго речено, не ни презентираат целосни и точни информации.
Бидејќи не можеме сите компании во земјава да ги обвиниме дека халуцинираат, кога онака срамежливо и со половина уста кажуваат оти власта им должи огромни суми пари, а дека од Нова година наваму речиси и воопшто не ги плаќа ратите од своите долгови кон стопанството. И не само тоа, туку дека во последниве неколку месеци сериозно доцни и со повратот на данокот на додадена вредност, особено кон извозните компании.
Колку и да ризикуваат дека со ваквите јавни признанија можеби во иднина ќе треба да „се простат“ од владините зделки што, пак, во време на криза се и најзначајните бизниси до кои може да дојдат, или што е уште полошо дека дури и на врат ќе си навлечат разни инспекции, што вообичаено стапуваат на сцена кога некој си дозволува премногу да зборува, нашите бизнисмени, сепак, се жалат оти државата веќе целосно стопира со плаќањето на своите обврски.
Купени возила во министерствата во кои државните службеници одамна се возат, изградени театри, музеи, спортски сали, судови..., набавен мебел за удобни канцеларии на министрите, сето тоа или не е платено, или им се дадени некакви финансиски трошки на фирмите-добавувачи и изведувачи. Градежниците и увозниците на автомобили, што во моментов се најзасегнати од ваквиот владин стил на однесување, веќе на шега коментираат дека зборот трезор бил главна лозинка во бизнис-круговите, а означувал дека куп нивни вирмани се заглавени на ред за наплата во трезорот на Министерството за финансии, но оттаму нема глас дека ќе бидат реализирани. Државата едноставно „не сака да си го плати ручекот“.
И не само што не плаќа за набавките и за услугите, туку не го враќа ниту преплатениот ДДВ. Една анкета на Стопанска комора на Македонија покажала дека државата на 280 нејзини членки им должи околу 7,3 милиони евра за невратен ДДВ, што не им се исплатени ниту по неколку месеци.
Малку пари ли се тоа за изгладнетите македонски компании, кои не само што едвај успеваат да се снајдат во бизнисот во време на криза, не само што банките не сакаат да ги кредитираат, бидејќи им се некако ризични за да им ги дадат нивните заеми, па уште и државата да ги злоупотребува и да ги цеди по секоја можна основа.
Зошто Владата упорно оди со глава в ѕид и не сака да се помири оти во буџетот едноставно нема пари за нејзините споменици и популистички потези. Место да направи ребаланс и нив да ги стопира, таа безмилосно на глупости ги троши буџетските пари.
Потоа, за да ги пополни дупките што се' повеќе зјаат собира арач од компаниите на најразлични начини, од драконски казни за се' и сешто, па се' до користење на нивните пари место да им ги врати во законски рокови. И притоа на сите им сервира многу розови, но и многу невистинити фантастични приказни, во смисла дека кризата е на заминување, а дека министерствата имале пари и не доцнеле со своите обврски повеќе од вообичаено.
Ќе сфати ли овој владин тим еднаш дека практицирањето власт не е кога само нив им е убаво, кога само нивните желби се оние што мора да се остварат, а за сите други и не е така битно како ќе успеат да преживеат? Или тоа ќе се случи, но за нив веќе ќе биде премногу доцна. |