Бизнисмените нудат свои мерки - ќе има ли Владата слух?
Бизнисот бара државата да се раздолжи и да се скрати рокот за поврат на ДДВ
Соња Маџовска
Стопанската комора на Македонија го објави својот пакет-мерки кои деновиве ќе и' ги испорача на Владата. Од Комората објаснуваат дека станува збор за мерки, од кои дел се стари уште од минатата година, а дел се нови. Но, тие сметаат дека со нив ќе се подобри деловниот амбиент во земјава, со што фактички и ќе се ублажат и последиците од кризата. Комората на прес-конференција денеска ќе ги соопшти мерките, но и ќе даде свое видување за тоа колкави се последиците од кризата врз македонската економија и дали ќе биде потребно да се преземат дополнителни мерки за да им се помогне на одредени сектори што се на удар и трпат најголеми загуби од кризата.
Мерките предвидуваат регулирање на побарувањата и обврските кон фирмите од страна на државата, односно таа да им се раздолжи на фирмите во првиот квартал од 2009 година, потоа домашните компании да добијат предност во однос на странските при еднакви услови на понуда во тендерските постапки, да се скрати рокот за поврат на ДДВ од 30 на 15 дена, да не се оданочува реинвестираната добивка, доследно да се спроведе националната програма за реструктурирање на челичната индустрија, примена на системот на бруто-плата, да и' се даде приоритет на гасификацијата, како и интензивирање на инвестициските активности, со донесување посебен закон за поттикнување на вложувањата на домашните и странските фирми што работат во земјава.
„Ова се мерки што ги упатуваме до Владата на крајот од секоја година за подобрување на деловниот амбиент, но дел од нив значат и подобрување на ликвидноста на компаниите, со што ќе им се даде можност полесно да се справат со предизвиците и последиците од глобалната криза“, велат од Стопанската комора на Македонија. Оттаму додаваат дека Комор��та ја следи состојбата во одредени сектори што се на удар од кризата и дополнително ќе реагираат со нови мерки што ќе се однесуваат директно на ублажување на последиците.
Комората очекува позитивен одговор од Владата, но првите најави и не се толку оптимистички. Завчера вицепремиерот Зоран Ставрески излезе со став дека ќе чекаат прво да видат каков ќе биде ефектот од десетте мерки што таа ги предложи, а дури потоа ќе ги разгледаат барањата на бизнис-заедницата, зависно од движењето на глобалната криза.
Пакетот владини мерки треба да стапи во сила за една недела. Експертите и фирмите кои се најпогодени од кризата ги нарекоа мерки за рехабилитација на загубари, односно дека Владата само ќе им помогне на оние кои и досега лошо работеа.
Во интерес на вистината, тогаш и коморите на чело со претседателите громогласно ги поздравија владините мерки. Дали сега Владата ќе има слух за најдиректните барања на бизнис-заедницата?
Од Министерството за финансии велат дека барањата на бизнисмените ќе бидат разгледани откако официјално ќе ги добијат. „Дел од нив веќе се предмет на реализација, како што е воведувањето на системот бруто-плата што ќе стартува од 1 јануари 2009 година. Што се однесува до барањето за скратување на рокот за поврат на ДДВ, сметаме дека за тоа прво треба да се направат консултации со Управата за јавни приходи, бидејќи тие треба да кажат дали за пократок рок можат да ги спроведат контролите. Можеби за големите даночни обврзници повратот може да оди побрзо“, велат од Министерството за финансии. Од УЈП, пак, велат дека тие само го спроведуваат законот, а не го утврдуваат рокот за враќање на данокот. |