Македонија само гледа што се случува во Косово
Расте нервозата во Македонија поради најновата ситуација во Косово, но никој не кажува ни збор
Соња Крамарска
„Немам коментар, тоа е одлука на Обединетите нации“, рече македонскиот премиер Никола Груевски на новинарско прашање пред неколку дена за најновиот развој на настаните на Косово.
Македонија, вистина, нема никаков коментар на случувањата кај новиот северен сосед, иако очите на меѓународната јавност, последниве неколку дека повторно се вперени во некогашната јужна српска покраина. Дали мисијата на ЕУ „Еулекс“ да биде распространета на целата територија на Косово или не е прашањето кое предизвикува жестоки демонстрации во Приштина, а во Македонија носи бран загриженост од можниот развој на настаните.
Дали е можен нов конфликт во Косово и ако дојде до него, дали тој ќе се прелее во Македонија, се најчестите прашања овде во Скопје на кои засега никој не може да даде одговор.
Професорката по меѓународно право Билјана Ванковска вели дека се заборава една ноторна вистина, а тоа е дека Косово е „замрзнат конфликт“, кој постојано има потенцијал за дестабилизација во регионов.
„Таквото соседство е само по себе лош фактор за Македонија, но имаме мало влијание на она што се случува таму. Нашиот приоритет се состојбите дома, при што мислам не само на будноста на безбедносните органи која се подразбира, туку и на мерките кои ќе значат социјална и политичка стабилизација во земјава“, вели Ванковска.
Но, колку Македонија е стабилизирана во социјална и во политичка смисла кога се знае дека етничките поделби се' уште се присутни, а социјалното раслојување на населението се продлабочува. Згора на се', зачленувањето во безбедносниот чадор на НАТО и пристапувањето кон ЕУ се одложени на неопределен период?
Има реакции кои засега се' уште не се гласни, дека премиерот Никола Груевски воопшто не манифестира сојузништво со најсилната албанска партија, ДУИ, освен математичкото одржување на политичкото мнозинство во парламентот и поддршката на Владата. „Очекувавме во најмала рака Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети да се сретнат и да испратат заедничка порака до македонските граѓани во врска со најновите случувања во Косово и анализите дека се можни реперкусии врз Македонија“, вели Андреј Жерновски од Либерално-демократската партија.
Меѓутоа, такви средби нема. Груевски ја започна кампањата за градоначалничките избори, а Црвенковски е во засилена меѓународна активност, но колку што може да се забележи во неговите пораки доминира прашањето за спорот околу името. Ништо не може да се слушне од најтесниот државен врв за ескалацијата во Косово и опасностите што ја демнат Македонија.
„Ако се подели Косово, ќе се подели и Македонија“, рече не толку одамна поранешниот претседател на косовскиот парламент Коли Бериша. На оваа изјава не' потсети професорот Владо Поповски, некогашен министер за одбрана и некогашен шеф на македонското разузнавачко биро.
Поповски вели дека во оваа фаза од случувањата во Косово нема опасност за Македонија, но ако ескалираат состојбите во правец на дезинтеграција, можни се проблеми и во нашата земја. „Во случај на дезинтеграција на Косово, Албанците од Македонија би можеле да се солидаризираат со Косовците и тоа може да биде опасно“, вели тој. „Сметам дека македонското раководство досега се однесува соодветно на ситуацијата, внимателно ги следи настаните во Приштина, но нема потреба од драматизација, бидејќи во оваа фаза нема индикатори за загрозеност“, вели Поповски.
Пред десетина дена во Скопје се собраа сите албански лидери од регионов. Дојдоа Хашим Тачи, Сали Бериша и заедно со овдешните албански колеги славеа 100 години од албанската азбука. За жал, нивните домаќини ја пропуштија шансата да издејствуваат порака од албанскиот премиер Бериша кон македонските граѓани иако уште тогаш вриеше во Косово. Се смета дека Сали Бериша е лидерот во триаголникот Приштина-Тирана-Скопје, но барем во јавноста не се слушна дека биле побарани политички гаранции од него.
Во Македонија се слушаат тивки предупредувања дека сегашните состојби во Косово значат покана за остварување на големоалбанските проекти. Поранешниот премиер и поранешен министер за одбрана Владо Бучковски смета дека Македонија треба сериозно да се загрижи за состојбите кај новиот сосед. „Лошо е што немаме државен став, а опасностите демнат“, вели тој.
Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека времето ќе покаже во кој правец ќе се одвиваат работите. „Одговор на тоа прашање можеме да очекуваме дури по една или две години, но можам да кажам дека засега нема причини за тревога овде во Македонија. Ако, пак, се случи сецесионизам во Косово, тоа ќе се одрази врз сите држави од регионов, вклучително и врз Македонија“, вели Биљали.
Македонија никако да финишира со процесот на обележување на границата со Косово. Забележително е и одложувањето на воспоставување дипломатски односи меѓу Скопје и Приштина откако Македонија го призна Косово. „Доцневме со реакција на планот на Марти Ахтисари, доцневме со признавањето на Косово, а сега доцниме и со реакција на најновите случувања во Косово“, вели пратеникот Андреј Жерновски.
Професорката Ванковска забележува дека се продлабочува неединството на меѓународната заедница околу иднината на Косово. „Резолуцијата на ОН за ’Еулекс‘ е обид за манифестирање единство, а всушност ја легитимира состојбата која одамна постои во Косово. Таму уште долго ќе имаме четиривластие на Приштина, Белград, Брисел и Њујорк. И по десет години од преземањето на управата над Косово, меѓународната заедница се соочува со неуспех на постконфликтната стабилизација“, вели Ванковска.
Американскиот Стејт департмент ги отфрли како нереални тврдењата дека се можни промени на границите на Македонија и на Балканот. САД испратија порака дека не стојат зад тезите што ги искажа неодамна поранешниот аналитичар на ЦИА Стивен Мејер дека „границите на Македонија не се дефинирани и може да се прекројат“.
Дали Македонија ќе биде зафатена од косовската бура останува да се види. |