Светски куп 2010
Петтемина среќници одат на финалето во Јоханесбург
Наум Котевски
„Среќен пат и ви посакуваме добар престој во Јужна Африка. Вие ја имавте среќата да бидете сведоци на најголемиот планетарен спортски спектакл - финалето на Светското првенство во фудбал“. Со овие зборови раководителот на маркетинг-секторот во „Медиа Принт Македонија“, Зоран Никодинов, ги испрати на долгиот, но силно посакуван пат, петтемина добитници на драгоцените влезници за последниот меч на Мундијалот.
Пејачот на „Санаториум“ Перо Стефановски, потоа Ирена Сефановска, Игор Тошевски, Ана Стефановска и Љупчо Поповски беа најсреќните смс испраќачи во наградната игра „Освои ја Африка“ што ја организираа „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“. Тие денеска треба да отпатуваат за Јоханесбург, каде им е обезбеден петдневен аранжман.
„Едвај чекаме да тргнеме. Се надеваме на одлично финале. Шпанија искрено игра подобро, ама јас сум за Холандија. Подготвени сме само што ни фали едно големо македонско знаме. Кога ќе го закачиме на трибина сакаме да се гледа и на ТВ. Имаме помали, но веројатно ќе обезбедиме и поголемо“, вели Перо Стефановски.
Последен на вчерашниот прием во МПМ, пристигна единствениот добитник нескопјанец, прилепчанецот Љупчо Поповски. „Да, сега доаѓам од Прилеп, па малку подоцна се враќам. Утре изутрина повторно накај Скопје и на аеродром. Оваа ноќ тешко ќе се спие. Адреналинот постојано расте“, ја призна возбудата Поповски, откривајќи дека како и Перо ќе навива за Холандија, иако негов омилен тим е Италија. Со Италијанците немаше среќа, со Холандија ќе видиме. |