Балканот во ЕУ дури во 2023 година?!
Унијата не им ја возвраќа љубовта на балканските земји
Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и БиХ сакаат да станат членки на ЕУ колку што е можно побргу. Но, земјите од Унијата се' помалку ја возвраќаат оваа љубов. Само Хрватска, која веројатно наскоро ќе ги заврши пристапните преговори, може да се надева на прием во 2012 или во 2013 година. Другите балкански земји можеби ќе чекаат до 2023 година, проценува Австриското радио ОРФ.
Кога црногорската министерка за евроинтеграции, Гордана Ѓуровиќ, пред своите колеги од европските земји го отвора прашањето за следните чекори за прием на Подгорица, добива одговор дека сега не е вистински момент за таа тема. „Сега се наоѓаме во услови на економска криза. Колкав е, всушност, капацитетот за прием на нови членки на ЕУ? Не сега, треба да поминат избори во земја-членка на ЕУ“. Ова се најчестите изговори и одговори кои таа ги слуша од Брисел.
Петер Балаш, поранешен министер за надворешни работи на Унгарија и поранешен еврокомесар, кој сега го раководи Центарот за студии за проширување на ЕУ на Централниот европски универзитет во Будимпешта, го потврдува тоа: „Оној што сака да победи на изборите, не треба да ја отвора темата проширување. Постои извесен распространет замор од проширувањето, скепса кон балканските земји не само кај населението, туку и кај политичарите“, вели Балаш.
Ерхард Бусек, претседател на форумот Алпбах и поранешен координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, не спори дека проширувањето е во застој, но тврди: „Тоа, всушност, нема врска со балканските земји, туку се работи за момент по Лисабонскот договор, внатрешна неспособност на ЕУ за донесување одлуки. Се' уште не е ’сварен‘ Лисабон и ЕУ се обидува најпрво самата да се среди,“ тврди Бусек.
Уште колку долго ќе треба да чекаат Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Албанија и БиХ? Поранешниот унгарски министер за надворешни работи, Петер Балаш, вели: „Секое проширување доаѓа по околу десет години по претходното. За догледно време не гледам шанса за проширување со повеќе од една, две земји“, вели Балаш, одговарајќи со „можеби“ на прашањето на новинарот дали тоа би биле Хрватска и Исланд, по чиј прием би следувала пауза од десетина години. Тоа би значело дека следната рунда проширување со балканските земји би била дури во 2023 година.
Црногорската министерка Ѓуровиќ, пак, истакнува: „Подгорица се надева на прием во ЕУ до 2016 година. Оние земји што ги исполниле условите треба да бидат примени, тоа е фер. Членството во ЕУ не е волшебно средство. Постојат други патишта за стабилизација на една влада, како што се - трговски односи, сообраќај, инфраструктура, визна либерализација“.
„Овие предлози, сепак, се премногу едноставни“, смета Бусек. Европа, според него, не смее да се извлекува од одговорноста за Балканот. Но, овој став моментно во ЕУ малкумина
го делат. (Дојче веле)
|