„Од денес за утре“
Новата ТВ-серија со одбрана актерска екипа
Билјана Беличанец-Алексиќ, Сенко Велинов, Ленче Делова, Диме Илиев, Ѕвезда Ангеловска, Митко Апостоловски, Јовица Михајловски, Јасмина Поповска, Ана Стојановска, Влатко Илиевски, македонскиот компјутерски гениј Марко Чаласан и Кинеската Шуинг Донг - се имињата што ја сочинуваат актерската екипа на новата македонска хумористична ТВ-серија, насловена „Од денес за утре“.
Сефтето пред публиката, односно новинарите, актерите го имаа вчера на прес-конференција во ресторанот „Ал форно“, најавувајќи го проектот на најубав можен начин - со изведба на една од сцените од серијата. „Воопшто не беше лесно да се состави една ваква актерска екипа. Убедени сме дека го направивме вистинскиот избор и дека преку оваа екипа ќе ја доловиме вистинската убавина и вредност на секојдневните мали нешта што не ги забележуваме често, а тука се околу нас и можат да не' направат посреќни, зашто се наши, автентични, уникатни“, додаде режисерот Иво Лауренчиќ.
„Од денес за утре“ ќе обработува тематика од секојдневниот живот на едно просечно семејство од средната класа, составено од три различни генерации што живеат под ист покрив. Главен идеен творец и режисер на серијата е Иво Лауренчиќ, а ќе се работи според сценариото на Братислав Димитров и на Предраг Перишиќ. Автор на музиката е Ристо Самарџиев, за сценографијата е задолжена Снежана Поњавиќ-Муча, а костимографка е Розе Трајчевска. Серијата е во копродукција на „Идеја плус комуникации“ и ТВ Сител, а нејзиното снимање ќе започне во почетокот на мај. (К.Ш.) |