Македонските уметници ја воодушевија француската публика

Педесетината члена на ансамблот „Кочо Рацин“ имаа повеќе концерти во повеќе општини
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - За само еден месец, македонската танцувачка уметност се претстави на незаборавен начин пред француската публика во два сосема различни сегмента - балетот и фолклорот. Областите се различни, но впечатоците на публиката која имаше среќа да ја види балетската претстава ,,Шехерезада” на Балетот при Македонската Опера и Балет и настапите КУД „Кочо Рацин“ од Скопје се исти.
Македонскиот Балет се претстави на Меѓународниот фестивал „Време за љубов“ во Бијариц, на југот од Франција, додека КУД „Кочо Рацин“ на северот од Франција, каде што учествуваше на 25. Меѓународен фестивал за фолклор во заедницата на општини Ла Порт ди Хено од Франција и белгискиот град Турне од другата страна на границата. Гледачите на спектаклите на македонските танцувачи останаа без здив. Балетот при Македонската Опера и Балет имаше само една претстава на големата сцена во претесната „Гар ди Миди“.
Педесетината члена на ансамблот „Кочо Рацин“ имаа повеќе концерти во повеќе општини, а се претставија и пред ученици кои како што изјавија за францускиот регионален весник „Ла вуа ди нор“ им приредиле нешто досега за нив невидено, спектакл на кој долго ќе се сеќаваат. „Групата знаеше со својата динамика, грациозност и својот исклучителен темперамент, да ја освои публиката“, прочитавме од рецензијата „Ла вуа ди нор“ објавена по нивниот последен настап во Хорден. „Бојата, финесите и хармонијата на народните носии го вреднуваа уште повеќе целото богатство и убавината на македонскиот фолклор признат во целиот свет“, додава најчитаниот весник во северна Франција. Градоначалникот на Хорден Жак Лувион лично им честитал на сите членови на ансамблот, а на директорот на КУД „Кочо Рацин“ му го доделил и признанието „Медал на градот“.
Балетот на Македонија ретко доаѓа во Франција, но македонските фолклорни ансамбли се редовни гости на француските фестивали. Повеќе организатори уште отсега се обидуваат да стапат во контакт со културно-уметнички друштва од Македонија за да обезбедат нивен настап на своите ф��стивали. Затоа е потребно на овој сегмент на македонската култура да му се посвети поголемо внимание, бидејќи тој навистина достојно ја претставува нашата земја во Европа и светот. |