Грција пушти во оптек нови државни обврзници од 1,2 милијарди евра
Грција вчера пушти во оптек 26-неделни и 52-неделни државни обврзници во вредност од 1,2 милијарди евра. Тие треба да бидат тест за реакцијата на берзите по одлуката на министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната да и' доделат помош на Грција во висина од 30 милијарди евра, во форма на билатерални државни кредити и со посредство на ММФ.
Како што објави „Та неа“, реакцијата на емитувањето на новите обврзници ќе влијае и врз висината на каматите што ќе и' бидат определени на Грција за кредитите што евентуално би ги зела, како и на одлуката за тоа дали Атина во следните седмици ќе го прифати европскиот план за спас.
Грчката влада се надева дека ќе продолжи позитивниот тренд на берзите, што завчера покажаа знаци на воздржан оптимизам. Завчера на берзите каматите на претходно објавените грчки државни обврзници паднаа од седум на 6,5 проценти во однос на германскиот еквивалент.
Вознемиреност предизвика и објавувањето на информациите дека постојат несогласувања меѓу германската влада и Европската комисија за тоа дали планот за помош на Грција треба да биде одобрен од лидерите на ЕУ, како што бара Берлин или, пак, воопшто да не се бара одобрување од Европскиот совет, што е став на ЕК.
Медиумите вчера објавија и детали околу висината на помошта што членките на еврозоната евентуално би и' ја доделиле на Грција. Според нив, најголем донатор би била Германија со 8,4 милијарди евра, а Шпанија би доделила 3,6 милијарди, Холандија 1,8 милијарди и Ирска 450 милиони евра. Меѓу државите што би и' помогнале на Грција е и Португалија, која треба да одобри 775 милиони евра, иако и самата таа се соочува со големи финансиски проблеми. Сумите што би ги доделила секоја држава се определени врз основа на нивното учество во вкупниот капитал на Европската централна банка. (Од агенциите) |