Земјотрес во Скопје - чаршиска „патка“
Се проширија гласишта дека француски сеизмолози предвиделе земјотрес за два дена што ќе го срамни Скопје
Билјана Ангеловска Тони Гламчевски
Скопјани можат мирно да спијат, градот нема да го погоди катастрофален земјотрес, ниту деновиве ниту, пак, во блиска иднина. Сите најави за евентуален голем потрес се чиста шпекулација, велат експертите.
„Нема никаква научна основа за гласиштата дека на еден прецизен датум се очекува земјотрес на едно точно утврдено место, во случајов во Скопје. Ваквите прогнози не се научно втемелени, бидејќи актуелните познавања на науката не само што не дозволуваат да се даваат прецизни прогнози туку тие прогнози се невозможни“.
Ова стручно-научно мислење од Централното сеизмолошко биро и Научната опсерваторија на Земјата со седиште во Стразбур, една од најпознатите опсерватории во светот што се занимаваат со проучување на Земјината топка и сеизмолошките активности, го побаравме откако до редакцијата на „Утрински весник“ допреа шпекулации дека француски сеизмолози предвиделе оти Скопје, во периодот меѓу 21 и 24 октомври, ќе биде срамнето од катастрофален земјотрес. Дека не станува збор за новинарска, туку за чаршиска „патка“ може да се заклучи и од фактот што по долгото пребарување на Интернет-страниците и на форумите на француски јазик не наидовме на вест или какви било пишувања што зборуваат дека се очекува катастрофален земјотрес во Скопје.
Француските научници што работат на ова прашање категорично ги демантираат овие вести. Во едно сеизмолошко подрачје, како што е регионот, секогаш е можно да се очекуваат сеизмолошки кризи. Па и кога има серија земјотреси, статистичките податоци со кои располага науката не дозволуваат да се прогнозира поголем катастрофален земјотрес, без разлика на кој дел од планетата се појавува. Скопје и Македонија воопшто не се ни споменуваат на овај план. Затоа изгледа неоправдано и опасно да се шират вакви гласишта, кои немаат никаква научна основа, предупредуваат француските научници.
И македонските сеизмолози се категорични дека ниту смее ниту, пак, може да се предвидува појавата на земјотреси. Може да се зборува за очекувани потреси и тоа е според статистичките истражувања што ги третираат трусните подрачја, но никако не може со сигурност да се каже точно кога, каде и со каков интензитет ќе погоди земјотрес во одреден регион.
„Какви било изјави од кој било експерт за времето кога евентуално ќе се случат земјотреси се несериозни. Јас гарантирам дека нема таква изјава од стручњак во која било држава, нема шанса некој да зборува такво нешто, а уште помалку да кажува датум кога би се случил земјотрес“, вели проф. д-р Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Сеизмичките поместувања на земјата се резултат на долготрајно акумулирање на текстонските напрегања во Земјината кора, кои траат непрекинато. Постојат подрачја во светот каде што нема вакви тектонски напрегања и тие се релативно малку и најчесто кај старите планини и карпи. За жал, Македонија се наоѓа во подрачје на тектонски напрегања и појавата на земјотреси се смета за нормална.
Во денешната конвенционална сеизмологија прогнозата за земјотресите се врзува со конкретни подрачја и се базира врз статистичка обработка на случените земјотреси во подолг временски период. Прогнозата се сведува на одредување на периодот на можна појава на земјотрес со одредена јачина. На територијата на Македонија често се јавуваат серии слаби земјотреси со интензитет од 4 до 5 степени според Европската макросеизмичка скала -1998 и тоа барем три до четири пати годишно. Според статистичките истражувања, најсилниот земјотрес што може да се очекува кај нас во период од 500 години е со интензитет од 10 степени по ЕМС-1998 (скалата има распон од 12 степени). Во покуси периоди се очекуваат земјотреси со послаби интензитети. |