Македонија ја презеде палката во Стразбур
Грција вложи забелешка на именувањето, оценувајќи го како злоупотреба на претседавањето
Од нашиот известувач Тамара Грнчароска
Стразбур - Македонија вчера го презеде претседавањето на Комитетот на министри на Советот на Европа под името „македонско претседателство 2010“. „Ова е историски ден за нашата држава, голема чест, но и обврска. Задоволни сме од начинот на кој беше сослушана и поддржана нашата презентација, особено во делот на приоритетите на нашето претседателство“, изјави македонскиот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски веднаш по церемонијата. Според него, Македонија може да придонесе во реформите на Советот на Европа, како на институција што се наоѓа на крстопат.
Грција на примопредавањето вложи официјална забелешка на именувањето како „македонско претседателство“, оценувајќи го како злоупотреба и манипулација на претседавањето за промовирање на позициите на нашата земја во преговорите за името и нивно поткопување. Грчката страна тоа го оцени како нешто што не дава позитивен импулс на развојот на настаните во поглед на решавањето на спорот за името.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија Димитрис Друцас, иако во обраќањето на Комитетот на министри го поздрави идното претседателство и „мојот пријател Милошоски“, веднаш по официјалното примопредавање побара збор и вложи официјална забелешка. Притоа, тој наведе дека користењето на придавката „македонско“ е спротивно на Резолуцијата 95/23 на Советот на Европа и тоа „има чисто политички цели што не се поврзани со функционирањето и со довербата на членките на оваа организација“. Друцас дури двапати побара збор за да каже дека не е точно тврдењето оти придавката „македонско“ се користи за да се идентификуваат јазикот и културниот идентитет на нашата земја. Според него, ова прашање е од висока политичка природа, а грчката влада е определена да најде решение за спорот во рамките на ОН.
Подоцна Друцас за грчките медиуми изјави: „Секоја друга позиција на оваа земја (н.з. Македонија) не оди заедно со нејзините надежи да стане членка на Европската унија“. На новинарско прашање дали тоа претставува закана испратена до северниот сосед, Друцас одговори дека грчката позиција е јасна и солидна. „Ние сакаме на конструктивен начин да се реши проблемот со именувањето на поранешната југословенска Република Македонија“, обвинувајќи дека користењето и монополизирањето на придавката „македонско“ е во спротивност со Резолуцијата на ОН и на Советот на Европа.
Милошоски пред Комитетот ги отфрли како неосновани забелешките на Грција, велејќи дека Македонија никогаш немала намера да ја инволвира организацијата во нешто што би се опишало како политичко прашање. Според него, именувањето на претседателството не е во спротивност со одредбите на Резолуцијата на Советот на Европа ниту, пак, со која било друга постојна одлука на Советот, а ја следи Резолуци��ата 817 на ОН, која не налага каква било обврска ние сами да се именуваме со привремената референца и не ја забранува употребата на придавката „македонско“. „Поради тоа, ние ја отфрламе забелешката дека усвојувањето на именувањето ’македонско‘, поврзано со нашето претседавање, е унилатерална одлука и дека е индикатор на лоша волја“, потенцирал пред Комитетот на министри македонскиот шеф на дипломатијата.
Тој додаде дека ова политичко прашање треба да остане под покровителство на ОН и оти во изминативе два месеца Македонија никогаш не била повеќе инволвирана во преговорите како во моментов и дека се надева оти тоа ќе резултира со прогрес.
Во својот одговор на грчките забелешки Милошоски побара да се прават разлики меѓу политички спорови и човекови права и лични прашања. „Вие се декларирате како Грк, Милан Раќен како Црногорец, Карл Билт за Швеѓанец, а јас како Македонец“, му реплицираше тој на Друцас, наведувајќи дека тие треба да се почитуваат меѓу себе и поради тоа нашата земја го смета ова прашање како лично и прашање на човековите права.
Одговарајќи на новинарско прашање Милошоски рече дека Македонија е целосно подготвена да ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ и се надева дека до крајот на шпанското претседателство ќе биде одреден датум за почеток на преговорите, по што би почнал едногодишен скрининг процес за време на претседавањето на Белгија и на Унгарија. „А во текот на полското претседателство со ЕУ, во втората половина од наредната година, да го отвориме првото поглавје од преговорите“, додаде Милошоски. Советот на Европа, рече Милошоски, со своите стандарди и вредности придонесува за зголемување на капацитетите на Македонија и на другите земји-кандидати за исполнување на критериумите за членство во ЕУ.
По преземањето на претседателството пред салата на Комитетот на министри веднаш беа поставени паноа на кои пишуваше „македонско претседателство 2010“ со модифицираното македонско знаме со знакот на Советот. |