Мислења
Лејди Магбет од Пјонгјанг
Јурико Коике
Дали Ким Кјонг Хуи, можеби, има план да стане наследник на својот брат Ким Јонг Ил
Комунистичкиот режим во Северна Кореја изгледа се подготвува да го изведе својот втор трансфер на власта во рамките на династијата, овој пат од Ким Јонг Ил, кој владее до 1994 година, на неговиот најмлад син Ким Јонг Еун. Но, ненадејното откажување на првата сесија на Генер��лното собрание на севернокорејската Работничка партија во 44-годишно постоење, навестува дека трансферот на власта од „драгиот лидер“ Ким, кој е сериозно болен, нема да оди мазно.
Една од причините зошто се случува династичка сукцесија е дека основачот на севернокорејската комунистичка династија, Ким Ил Сунг, креираше национална идеологија, „јуче“, која е комбинација од комунизам и автархија (самодоволност) со голема доза конфучиски вредности. Конфучијанизмот ја велича идеализираната врска меѓу таткото и синот, како модел за сите човечки односи, вклучително и меѓу владетелот и поданиците. Така, како што апсолутна должност на синот на Конфучие е длабоко да го почитува својот татко, апсолутна должност на конфучискиот субјект е да го почитува владетелот. Освен тоа, Ким Јонг Ил, како и неговиот татко, постојано именуваше членови од своето семејство на позиции на моќ. Всушност, Ким Јонг Еун, третиот син на Ким Јонг Ил и неговата покојна сопруга Ко Јонг Хе, пред речиси една година беше оспорен како наследник на татка си.
Севернокорејските пропагандисти го прогласија Ким Јонг Еун за „млад генерал“, но дали тој ќе ја практикува истата апсолутистичка власт како и неговиот татко е отворено прашање. Не само што е млад и неискусен, туку и неговата тетка, Ким Кјонг Хуи, сестра на Ким Јонг Ил и сопруга на лице од вториот ешалон во севернокорејската хиерархија, Чанг Сонг Таек, би можела да спречи власта да и' се провлече низ прсти. Иако ретко видена или слушната, Ким Кјонг Хуи, родена на 30 мај 1946 година од татко Ким Ил Сунг и од неговата прва сопруга Ким Јонг Сук, држеше голем број клучни позиции во Работничката партија, вклучувајќи и заменик-директор на Меѓународниот департмент и директор на Департментот за лесна индустрија. Таа стана членка на семоќниот Централен комитет во 1988 година, позиција што ја задржа се' до денес. Мајката на Ким Кјонг Хуи почина кога таа имаше само четири години. Откако татко и' Ким Ил Сунг се прежени, таа беше воспитувана од разни сурогати далеку од семејството. Набљудувајќи ја врската меѓу татко и' и маќеата и нивната љубов кон нејзините полубраќа, се вели дека станала огорчена и развила силен карактер. Всушност, Ким Јонг Ил е цитиран како вели: „Кога сестра ми ќе стане насилна, никој не може да ја запре. Дури ниту јас не можам ништо да направам“.
Кога Ким Јонг Ил почна да живее со втората сопруга, Ким Кјонг Хуи се обидуваше да предизвика проблеми, поттикната од чувството на ривалство. Откако се омажи за Чанг Сонг Таек почна да живее хедонистички живот, но детаљно го проучи однесувањето на сопругот, влетувајќи во љубоморен бес и при најмали знаци на неверство. Ким Јонг Ил ја опиша сестра си како „моја крв и месо за која бев замолен од мајка ми да се грижам до нејзината смрт“. За нивната мајка, Ким Јонг Сук, се вели дека починала од крвавење за време на предвременото породување предизвикано од вознемиреноста што ја предизвика љубовната афера на Ким Ил Сунг со Ким Сонг Ае. Наводно, Ким Ил Сунг веднаш дошол во болницата, но вратата од нејзината соба била заклучена. Кога таа починала единствени присутни биле нејзиниот лекар и Ким Јонг Ил.
Но, Чан Гирјок, кој бил матичен лекар на Ким Јонг Сук, а сега е лекар на Универзитетот „Нагоја“ во Јапонија, кажува поинаква сторија. Според Чан, Ким Јонг Сук била во домот на Ким Ил Сунг во Пјонгјанг во близина на советската амбасада расправајќи се со него. Гледајќи оддалеку, лекарот забележал дека Ким Ил Сунг држи пиштол. Докторот, кој е хирург, а не акушер, се посомневал во мудроста да биде повикан да санира обилно крвавење предизвикано од предвремено породување. Тој мисли дека бил повикан да третира крвавење предизвикано од нешто друго.
Ким Јонг Ил, за кој се знае дека бил многу поврзан со својата мајка не можел, а да не биде психолошки погоден од тоа што бил сведок на убиството на мајка си. Од моментот на смртта на неговата мајка тој својата помлада сестра постојано ја држи близу до себе. Всушност, во земја каде што довербата е ретка појава, Ким Кјонг Хуи е единствена крвна врска на која Ким Јонг Ил целосно и' верувал. Освен тоа, двајцата биле од истата лоза на големиот лидер, или сурјонг, што води до Ким Јонг Сук по мајчина страна, целосно се посветени на апсолутната превласт на сурјонг и наследната сукцесија.
Зборувајќи пред Централниот комитет по смртта на Ким Ил Сунг, Ким Јонг Ил вели: „Ким Кјонг Хуи е јас, зборовите на Ким Кјонг Хуи се и мои зборови, а инструкциите дадени од Ким Кјонг Хуи се и мои инструкции“.
Намерата на Ким Кјонг Хуи да практикува власт по смртта на брата си е поддржана од гласините дека таа помогнала да се случи сообраќајна незгода во јуни во која загина Ри Је Ганг, висок партиски претставник и кој се смета за заштитник на Ким Јонг Еун, кој, наводно, се обидел да ја собори Ким Кјонг Хуи и нејзините блиски соработници од власта. Без разлика дали ова е вистина или не, таквите гласини го покажуваат степенот на нејзиното влијание.
Всушност, постои се' поголемо верување дека Ким Јонг Ил би можел во секој момент да ја именува Ким Кјонг Хуи да биде заштитник на третата генерација наследник по неговата смрт. Меѓутоа, Ким Кјонг Хуи можеби има други планови, како, на пример, таа да стане наследникот на Ким Јонг Ил.
Заканата од Северна Кореја отсекогаш била дека таа би можела да почне војна, било од погрешна процена или намерно. Но, дури и ако „младиот генерал“ или неговата тетка излезе дека не се растроени мегаломани, промената на власта, која е на повидок, отвора нова ера на несигурност, особено со оглед на економските непријатели на Северна Кореја.
Дали Ким Јонг Еун или Ким Кјонг Хуи ќе продолжат со работата и покрај изолацијата, или ќе донесат економски промени, сепак, им недостасува револуционерен кредибилитет, а власта има потреба од тоа. Па, кога Ким Јонг Ил ќе се повлече од сцената и политичката нестабилност се соочува со економско пропаѓање, режимот би можел да се распадне.
Јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг Бак мудро почна да се подготвува за таа непредвидена ситуација со предложување на специјален „данок на обединување“, што ќе помогне да се исплатат трошоците при евентуално распаѓање на династијата Ким. Јапонија и остатокот од Азија би требало, исто така, да се подготват за тој ден.
(Авторот е поранешен јапонски министер за одбрана и советник за национална безбедност, а сега претседавач на Извршниот совет на Либерално-демократската партија и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |