Мислења
Монти Пајтон лустрација
Филип Петровски
Мислат дека ако се договорат оти некој пратеник не е кодош, тоа навистина и ќе биде така
За вас не знам, но јас одамна сум се збогувал со лустрацијата на македонски начин. Минаа години, да не речам децении, а ние се' едно исто - се вртиме во круг. Поранешните комунистички држави одамна го завршија процесот на лустрирање за да можат полесно да ја продолжат транзицијата кон западните вр��дности, кон демократијата, кон слободата. Оти, да се разбереме, лустрацијата не е пресметување на новите вредности и систем со старите вредности и систем. За жал, кај нас беше претставена како таква, демек еве сега овие новиве немаат како да се пресметаат со старите и ќе им се одмаздуваат преку процесот и ќе ги дистанцираат од политиката. Се разбира, ова е намерно направена замена на тези за да се одбрани она најлошото од тој стар систем што пропадна. Да бил добар не ќе пропаднеше, што ја покажува и неговата слаба идеолошка потпора и оправданост. Но, тоа не е најважно во овој момент.
Најважно беше да се открие кои луѓе во тој напуштен систем напредувале и граделе кариери уништувајќи свои неистомисленици. Ќе се согласите дека кодошите лесно може да си измислат приказна што ќе и' ја приопштат во својот извештај на власта, за да и' се допаднат, а со таа приказна ќе уништат кариера или, пак, живот. Небулози од таков тип сум открил и во моето досие, кое го водеа тајните служби за време на протестите во 1997 година. Тие, за да ја оправдаат својата работа и потрошените средства, мора да произведат материјал. Тој често е далеку, далеку од вистината и паметот и на жртвата може да и' нанесе сериозна штета. На пример, јас бев прогласен за елемент што е опасен за уставниот поредок на државата. А никаде не се наведува со што сум го загрозил. За, на крај, при дерегистрацијата, неколку дена откако станав пратеник, тие го затвораат досието со заклучок дека се потврдило моето противуставно дејствување. И толку! Ако некој дејствува против Уставот на државата, му следува казна и затвор. Така е секаде во нормалниот свет. Оти, не може кој како сака да ја урива државата. Е, сега, замислете да се чувствуваа доволно силни тие служби и да можеа поради овие конструкции да ме прогонуваат низ судските лавиринти.
Илјадници вакви и слични досиеја се водени со децении. Пострашно е што тој процес на водење досие и идеолошка диференцијација е продолжен и по формалното прогласување демократија и парламентаризам. За потребите на тогашниот режим на Црвенковски се' е правено да се дискредитира неистомисленикот. А како што гледам, уфрлувани се и луѓе што потоа им реферирале на службите што се случува внатре во ВМРО-ДПМНЕ. Со еден збор, се' е правено за партијата да не дојде никогаш на власт. Се сеќавате колку мали партии се издвојуваа речиси секоја година, обидувајќи се да ја ослабат ВМРО. Сепак, таа дојде на власт во 1998 година. На лидерството му се водени посебни досиеја, а штабот на партијата е држен под 24-часовен надзор. Ова го кажувам затоа што сум видел и поседувам документи. Не ми раскажувал некој, па јас да ви прераскажувам свое мислење. Ова се факти. Стариот систем продолжил да функционира најмалку до 1998 година. Ако не и потоа. Па, и денеска се зборува дека постои мрежа на доушници, кодоши секаде околу нас.
Токму за ова да го нема и за да се избориме за слободно живеење и политичко дејствување, одамна мораше да се направи лустрација. Тргањето од политичкиот живот, за одреден период, на оние што биле кодоши или биле поврзани со тајните служби, ќе и' овозможеше на Македонија во политичкиот живот да добие чисти луѓе кои на друг начин работат и живеат. Но, се случи преврат. Предолгото чекање им овозможи на службите да ги инсталираат своите кодоши и мрежи буквално во сите партии. Место да слабеат во демократска Македонија, тие дополнително зајакнаа. Ги имаше во сите партии и по потреба беа активирани.
Интересен е моментот што сега Љупчо Георгиевски ја спомнува во контекст на кодошите и 2000 година, кога се формираше партија од шестмина пратеници, кои дотогаш беа во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ако навистина во заднината стоеле тајните служби со свои соработници, тогаш има елементи на државен удар. Тогаш беше направен обид и мене да ме поткупат. Да ја напуштам ВМРО-ДПМНЕ. Колку што се сеќавам, да си отидевме јас и Милан Ставрев, владата ќе паднеше. Толку беше тенка работата. Со тоа би бил изведен државен удар подготвен од страна на тајните служби. И би се заобиколила волјата на гласачите без да се спроведат избори.
Уште поинтересно е што истите актери од 2000 година, денеска, односно по 2006 година, дојдоа на уште повисоки позиции со власта на Никола Груевски. Индикативно е што истите тие никој никогаш и за ништо не ги повика на одговорност. Со предлогот за закон Стојан Андов ги стави во непријатна ситуација. Не можеа да кажат дека не сакаат закон од таков тип. Всушност, мораа да го прифатат тој предлог. Со тоа што веројатно е усвоена стратегија никогаш ништо да не се направ�� со кодошите. Затоа и никој досега не е откриен. А самата комисија, веднаш по изборот, најави дека ќе биде тешко да се открие кој било затоа што досиејата биле во Белград. Се разбира, никој не спомна дека може да се отвори процедура за тие да се побараат официјално и на државно ниво. И, се разбира, тоа беше намерно насочување на јавноста кон север, за да се мисли дека во Македонија ги нема досиејата.
Така се влечкаше овој процес последниве две години, се' додека да ја направат грешката. Ги изнервира Уставен суд со своето дејствување контра нивните закони. И, за да се одмаздат, решија да го посрамат судијата (не знам кој е). Не сфаќајќи дека ќе го направат она најнепотребното, ќе ја отворат Пандорината кутија. Сега сите кои се прозвани, ќе се сетат каде ги кријат документите за кодошот од другиот табор. Ако мене ме прозиваат, ќе си речат, сега јас ќе ги прозивам нив. Доволно беше да се отвори славината и да потече првата капка. Наидува лавина. Тие мислат дека ако имаат мнозинство во парламентот, се' може да си изгласаат. Мислат дека може да изгласаат дека некој не бил кодош, а бил. За жал, тоа им е капацитетот. Мислат ако договорат дека некој пратеник не е кодош, тоа навистина ќе биде така.
Жално е до какво состојба е процесот на лустрација. Да после 65 години кодошење се' се сведе на тоа дали имало еден кодош или тројца. Гледајте сеир. А новите кодоши нека не се грижат, оти сега со закон се најавува дека не само што ќе бидат заштитени, ами ќе добијат и пензија и осигурување за вршењето на нивната „благородна“ работа.
(Авторот е доктор на политички науки) |