Број 3397  сабота, 02 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Мислења

Мислења

Што се милениумски цели?

Филип Петровски

Сите активности по светот на нашата „дипломатија“ се претворени во голема бина за по дома

Времето си врви, а нашиот менталитет никако да се промени. Премногу сме убедени дека се знаеме, дека можеме целиот свет да го подредиме на нашите финти и дека никој нема да забележи како, всушност, тоа сме успеале да го направиме. Дури и дека поради нашата снаодливост ќе стекнеме симпатии, па и поддржувачи. Чудно е колку сме затворени во еден мал свет. Можно е полека да се преминува во психопатологија...

Низ оваа призма го гледам настапот на претседателот Ѓорге Иванов во ООН, односно неговиот говор пред форумот, кој расправаше за милениумските цели. Станува збор за осум цели што се насочени кон намалување на сиромаштијата и на гладот, образованието, еднаквоста на родовите, здравјето на децата, мајките, борбата против сидата, потоа заштита на природната средина и глобалната соработка. Практично, на овој начин државите сакаат да создадат можност, на пример, да се искорени бедата, сите деца да се образуваат, да имаат пристоен живот, а жените да се еднакви... Цели за кои е вредно да се бори секој од нас. И да даде свој придонес, како поединец, но и Македонија како држава.

Иако можеби многумина ја сметаат ООН како конзервативна институција, која не е доволно активна во светот, низ овие милениумски цели таа значајно придонесува да се подобрат одредени параметри во погоре споменатите области. На пример, во наредните пет години за здравјето на децата и на жените да се потрошат 40 милијарди долари, со што би се спасиле 16 милиони животи. Нели е тоа за респект? Во таа насока Македонија и тоа колку има обврска да дејствува. Особено затоа што 30 проценти на нашите жители живеат во мизерија и без основни услови за живот. Бог знае колку деца денес немаат оброк пред да отидат в училиште. Или, пак, услови да се школуваат со минимум квалитет на училиштата. Ова не се политички прашања. Ова се животни прашања. Ако тие деца се борат со хендикеп од самиот почеток, проблемите ќе се насоберат до големи височини пред да успеат да станат свои луѓе. А потоа спиралата ќе заврти жестоко надолу. Веќе порасна една целосно изгубена генерација во Македонија, која е родена и живее целосно во транзиција без конкретно да е виновна за тоа, но самата таа генерација нема избор. Не може да излезе од затворениот круг. Ќе се согласите дека ова се теми што треба да се истакнат во светскиот форум, пред државите-членки на ООН. А не да се користи, или подобро кажано, да се злоупотребува мангупски темава за да се насочи интересот кон проблемот со Грција. Пак ќе потсетам за да не се разбереме погрешно - не ги одобрувам Грците и нивното однесување. Штетни се за нас, за Балканот, а пред се', за самите себе. Но, ако е така, не значи дека каде што ќе стигнам, ќе плачам поради нив.

Замислете, ви се родило дете, сте ги поканиле сите за да се радувате заедно. Секако, пригодата е за радост, а еден од гостите доаѓа и упорно ви раскажува како му било на погребот на неговата тетка. Мислам дека сум јасен. Треба да се знае кога и како се настапува. Посебно ако сакате да сте актер во толку битни државни позиции. Се знае дека во Македонија постојано таквите позиции ги пополнуваат луѓе што се избираат според принципот на негативна селекција и не е чудно кога ќе заверглаат. Мора да признаам дека знаејќи оти може да очекувам изненадувања од ваков вид, сепак, не се надевав дека до толку ќе забегаме на Самитот за милениумски цели.

Истовремено, никој не побарал средба со генералниот секретар за да му ја објасни нашата позиција. Веројатно, затоа што со фанфари ја објавија пред соборот за миленуимски цели. А Грците, такви какви што се, си работат. Си ги наредија средбите. И со Бан Ки Мун и со американскиот државен врв. Тие си ја верглаат нивната позиција, милозвучно со покорен тон, па ако треба и со наведната глава, а, сепак, низ дипломатски протокол. Додека нашата делегација не знаејќи што да прави со слободното време, се шеташе низ Њујорк. Се разбира, затоа критиките дома веднаш стигнаа. Сите се прашуваа што чекаат нашиве таму. За подоцна да се дознае дека тие чекале што ќе одлучи премиерот. Дали тој ќе оди или не во Њујорк, па ако не оди тие да ја пополнат празнината на заседанието на Генералното собрание на ООН што се одржа некој ден подоцна.

Се разбира, бидејќи секогаш внимателно ја следат критиката во медиумите и односот на јавноста кон нивното владеење, тие реагираат на секој приговор што е можно побрзо. Па, бидејќи Иванов немаше средба со генералниот секретар на ООН, тоа го стори министерот. За да се создаде слика дека ете нешто и се работело, а не се потрошиле залудно дневниците. Притоа, тој не пропушти да ја заостри ситуацијата, играјќи на последната карта што се' уште ја има оваа власт како поддршка дома. Во најмала мера е комично да се бара од генералниот секретар да интервенира кај Грците да го сменат преговарачот Василакис. Демек, тој ја загубил поддршката кај Папандреу, па затоа преговорите биле во застој. Се сомневам дека Папандреу ќе чека предлог од Милошоски во врска со Василакис, ако навистина овој му пречи. Од друга страна, не ми е јасно како Милошоски и по четири години министерување, не научи да биде дипломат, што се гледа од авион. Ајде што неговите гафови и грешки долго ќе ги поправаме, туку зошто премиерот цело време го толерира тоа. Да се бара да се смени Василакис од наша страна е исто како да се бара да се смени Јолевски од грчка страна, само затоа што тие мислат дека тоа е подобро така. И да не сте заинтересирани многу за дипломатија, ви доаѓа тоа во глава? Секако дека не. Се знае до каде можат да одат државите и нивните претставници.

Сево ова е една голема претстава за домашната јавност. Сите активности по светот на нашата „дипломатија“ се претворени во голема бина за по дома. Народот да се храбри дека ние сме мошне јаки штом можеме на Бан Ки Мун слободно да му кажеме дека треба да си оди Василакис. Штом го можеме тоа, можеме и други работи - ние можеме се'.

И така сите дома задоволни. Истовремено Хилари Клинтон ќе го посети Западен Балкан, заобиколувајќи ја Македонија, како што направи пред неколку недели и Вестевеле. Претходно и американскиот потпретседател Бајден го направи истото. Ама што ни е гајле за тоа. Ние се им кажавме в лице, пред сите 192 држави. Така прават и Гадафи и Ахмадинеџат. Сигурен сум дека се многу популарни дома. Да не го заборавам Чавез.

(Авторот е доктор на политички науки)


#
Статијата е прочитана 1361 пати.

Испрати коментар

Од: ФЕЛИКС
Датум: 02.10.2010 18:12:33
Текстот е пишуван вероватно во 2 дена,првиот ден се пишува,,НИКОЈ не побарал средба со ген.секретар,,.А вториот ден вероватно некој го известил па пишува за средбата на Милошовски со г-дин Мун.Инаку г-ѓа Клинтон оди во Косово оти таму има тензии и судири помеѓу Албанците и Србите,а во БиХ поради евидентното распаѓање по национална основа.
Од: Ilina
Датум: 02.10.2010 20:01:28
Filip ne go pocituvav mnogu poradi negovite , za mene, preradikalni istapi vo 90, no kako minuva vremeto imam cuvstvo deka se poveke i poveke sozreva , so zadovolstvo gi citam negovite kolumni, denesnava e ODLICNA! Realna , zatoa sto sekoj koj malku citnal za meg.politika znae deka tamu vladeat MOK I INTERES! A nie, da nie se ponasame na svetskata scena ko selski mangupi!
Од: Феличита
Датум: 03.10.2010 09:52:28
Браво,Среќко,многу аналитично,како да си работел во Аналитико!Не кажа што има во Србија И Хрватска!

Најди! во Утрински
Мислења
Големите пари со Големиот брат






Pollution from Hungarian toxic sludge disaster spreads
Merkel to follow the Pope as honorary doctor at Romanian university
Macedonian name issue in a coma