Број 3397  сабота, 02 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Мислења

Мислења

Големите пари со Големиот брат

Гај Сорман

„Мајкрософт“ и полицијата на премиерот Владимир Путин изгледаат како чудни ортаци

Низ цел свет корисниците на Интернет ги забавуваат романтичните измами за сајбер-просторот. За повеќето од нас, сурфери на мрежата, Интернет дава лажно чувство на целосна слобода, моќ и анонимност. Секако, понекогаш упаѓаат небарани пораки и реклами, кои се случува да бидат мистериозно поврзани со нашите најинтимни навики. Тие не' потсетуваат дека ние, корисниците на Интернет, всушност, сме под константен виртуелен надзор. Кога набљудувачите имаат само комерцијални мотиви, таквите „спем“ пораки се чинат како мало прекршување. Но, во Кина или во Русија, Интернетот е патролиран не од небарани посетители, туку од полицијата. Така, руските активисти за човекови права и еколошката организација „Бајкал енвироментал вејв“ не требаше да бидат изненадени кога на почетокот на месецов вистински полицајци - не Интернет-роботи - ги конфискуваа нивните компјутери и фајловите што беа снимени во нив. Во време на Советскиот Сојуз КГБ ќе ги обвинеше дисидентите против Путин за психичко нарушување. Во сегашна „Нова Русија“ сајбер-дисидентите се обвинети за кршење на правата на интелектуална сопственост. Тие користеа компјутери опремени од „Мајкрософт“ и не можеа да докажат дека софтверот не е пиратски. Со конфискувањето на компјутерите, наводно, руската полиција би можела да потврди дали софтверот „Мајкрософт“ што го користеле активистите е легално инсталиран.

На површина, „Мајкрософт“ и полицијата на премиерот Владимир Путин изгледаат како чудни ортаци. Но, дали се тоа? Овластените претставници на „Мајкрософт“ се изјаснуваат дека тие не можат да се спротивстават на акциите на руската полиција, бидејќи компанијата со седиште во Сиетл треба да го почитува рускиот закон. Таква двосмислена изјава може да се интерпретира или како активна поддршка за руската полиција или како пасивна соработка. Покрај тоа, во некои претходни случаи, „Мајкрософт“ и' помагаше на руската полиција во истрагите за невладините организации. Очигледно, активистите за човекови права во Русија не можат и не треба да сметаат на „Мајкрософт“ како на сојузник во нивните напори да се изгради поотворено општество. Но, двосмисленото - во најдобар случај - однесување на „Мајкрософт“ е дел од модел. Всушност, успехот на Интернет- компаниите во диктаторските земји е и доследен и ужасен.

„Јаху“ го наметна темпото во почнувањето активна соработка на Интернет и високотехничките компании со политичка репресија. Во 2005 година „Јаху“ и' ја даде шифрата за компјутерска идентификација на кинеската полиција за новинарот-дисидент Ши Тао. Новинарот испратил порака фалејќи ја демократијата, а одговорните за цензура ја открија. По информацијата од „Јаху“, полицијата го уапси. Ши и денес е в затвор. Во тоа време менаџерите на „Јаху“ во Америка, како „Мајкрософт“ во Русија, се изјаснија дека треба да го почитуваат кинескиот закон. Ши Тао во затворската ќелија, несомнено и со задоволство, научи дека во Кина владее правото, а не Комунистичката партија. Пред се', владеењето на правото е она за што се бори Ши Тао.

Компанијата „Гугл“, барем за кратко, се чини следи различни насоки во нејзиниот бизнис во Кина и се држи до општопрокламираниот етички принцип „не биди лош“. За да протестира против цензура, компанијата со седиште во Силиконската Долина во 2009 година се премести од копнена Кина во се' уште релативно слободниот Хонг Конг. На пребарувачот со седиште во Хонг Конг, кинеските корисници на Интернет можат да прочитаат за Тајван, за масакрот на плоштадот „Тјенанмен“ во 1989 година, или за Далај-лама. На кинескиот „Гугл“ тие извори, како и резултатите од пребарувањата во кои се користат многу други забранети термини, не се појавуваат.

Се чини дека чекорот на „Гугл“ ја смири нејзината прокламирана слободарска филозофија со деловната етика. Но, тоа помирување не траеше долго: „Гугл“, пред се', ја прифати цензурата од почетокот на своите обиди во Кина во 2006 година, со цел да влезе на кинескиот пазар. По шест месеци постоење во Хонг Конг, проработија парите: „Гугл“ повторно го инсталираше својот сервис на копнена Кина, со истото ниво на цензура како и порано. На крајот, „Гугл“, а не кинеската Комунистичка партија, го загуби образот.

На тој начин, „Јаху“, „Гугл“ и „Мајкрософт“ одеа по неверојатно сличен пат: пристапот до вносни пазари носи етички немир. Средствата кои тие ги обезбедуваат се политички неутрални. Дисидентите се обидуваат да ги користат за да следат демократска агенда. Полицијата ги користи да открие и да спречи дисиденти. Како и да е, „Мајкрософт“, „Јаху“ и „Гугл“ заработуваат пари - како што, на пример, правеше ИБМ која во триесеттите години ги продаде своите машини за сметање на нацистичкиот режим: нацистите ги користеа тие машини за уништувањето на нивните жртви да биде рутинско и бирократско.

Дали треба да бидеме шокирани дека Интернет-компаниите го ставаат профитот пред моралот? Пред се', тие се вообичаени корпорации кои бараат профит, исто како ИБМ во Хитлеровата ера. Интернет-компаниите, повеќе од другите, можат да ги скријат своите вистински мотиви зад сурогати, демократски звучни слогани, но, на крај, тие рекламираат производи како и сите други. Во рекламирањето или самостојното промовирање, изборот на зборовите е одреден од очекувањата на потрошувачите, не од филозофијата на менаџерите, бидејќи повеќето немаат такво нешто.

Капитализмот секогаш е размена: мора да живееме со неетичко однесување на корпорациите кои создаваат пари и не' обезбедуваат со нови корисни средства. Тие средства можат да бидат искористени од Иранците, кои се борат против диктаторство, или од тибетските дисиденти кои се обидуваат да ја зачуваат нивната култура. Тие, исто така, можат да се искористат да се пресмета бројот на искоренети Евреи, да се уапси кинески дисидент или да се разбие група за човекови права во Русија.

„Мајкрософт“ во Русија или „Гугл“ во Кина не' учат дека капитализмот не е етички: само е ефикасен. Претприемачите се алчни по дефиниција: доколку не беа, ќе банкротираа. Едно отворено општество никогаш нема да биде создадено или одржувано од правични претприемачи или да биде само спореден производ на политичко инженерство. Слободата, како и секогаш, останува стремеж на претпазливите, слободни мажи и жени.

(Авторот, француски филозоф и економист, пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“)


#
Статијата е прочитана 1023 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Мислења
Што се милениумски цели?






Pollution from Hungarian toxic sludge disaster spreads
Merkel to follow the Pope as honorary doctor at Romanian university
Macedonian name issue in a coma