Власта ја менува реториката кон Уставниот суд
Наместо отворен напад на одлуките на Уставниот суд, се' почесто се користи методот на игнорирање
Гордана Дувњак
Власта ја менува реториката кон Уставен суд. И натаму останува незадоволството од работата на највисоката институција за оцена на уставноста и законитоста, но премиерот и владините претставници како да решија да ја коригираат тактиката. Свесно или по нечиј наговор?
Место отворен напад на одлуките со кои интервенира Уставен суд, се' почесто се користи методот на игнорирање или терање по свое. Најчестиот коментар што може да се слушне од донесувачите на оспорените акти е „ќе ја почитуваме одлуката на Уставен суд“. А, потоа следува едно „но“ и - повеќе рафални „аргументи“ зошто одлуката на судиите ја сметале за погрешна.
Прашање е само колку ваквиот видоизменет вокабулар се должи на промена на ставот или, пак, на анализите дека жестоката хајка и негирање на Судот, а особено обидот за негово рекомпонирање, се контрапродуктивни.
Притисокот и етикетирањата за политичка наклонетост на уставните судии се навистина намалени, но не и заборавени. Ги нема ни „спонтаните собирања“ пред зградата на Синдикатот, а да биде апсурдот уште поголем, дел од оние што во еден период пукаа со најсилна артилерија, сега аплаудираат. Одлуката на Уставен суд да се укине изучувањето на македонскиот јазик за учениците Албанци од прво одделение вчера го поздрави партијата на Мендух Тачи. Истата онаа ДПА која своевремено го бомбардираше Судот со навреди и предизвика оставки на двајца уставни судии Албанци поради одлуката за знамињата, а сега на посебно свикана прес-конференција во Тетово ги фали зашто помогнале да се стави крај на „еден антиалбански проект“.
Министерот за образование, Никола Тодоров, пак, откако куртоазно и со тешка мака процеди низ заби дека ќе ја почитуваат одлуката на Уставен суд, ја оспори нивната надлежност во конкретниот случај, па дури и го проблематизира карактерот на одлуката.
„Како министер, должен сум да ја почитувам и во целост да ја спроведам одлуката на Уставен суд, но како правник ми е чудна“, рече Тодоров. За него е индикативно тоа што решението се укинува, а не се поништува. Вели дека не дал мислење во постапката пред Уставен суд, иако судот побарал, зашто претпоставувал каква ќе биде одлуката на Судот. За министерот е спорно тоа што Уставен суд, а не Управниот суд одлучувал за овој случај, бидејќи решението бил поединечен, а не општ правен акт.
Познавачите на оваа материја укажуваат дека не може со решение донесено од министер да се уредуваат права и обврски за граѓаните, а во случајот за децата од прво до трето одделение, кога тоа е работа на законодавецот и тоа треба да го уреди Собранието со закон. Исто онака како што е предвидено за четвртоодделенците од немнозинските заедници, кои имаат обврска за изучување на македонскиот јазик, подучуван од предметен наставник. И покрај тоа што решението на министерот по својата форма личи на поединечен акт, тој по својата форма претставува општ пропис, бидејќи се однесува на неидентификувана категорија граѓани (сите деца од прво до четврто одделение) и со неограничено времетраење. Процената, пак, дали Уставен суд ќе интервенира со укинувачка одлука или со поништувачка е работа на самите судии, кои треба да утврдат дали во одредена правна ситуација се предизвикани тешко отстранливи последици или не. Во конкретниот случај децата ја бојкотирале наставата и нема последици, поради што уставните судии решиле нивната одлука да нема ретроактивно дејство.
И додека ресорниот министер навидум се обидува да се пресмета со Уставен суд на теренот на правото, пристигна низок удар под колена, но од сосема друга страна. На уставните судии им пукна филмот, па решија да одговорат на медиумските напади објавени во провладините медиуми.Чашата ја прели вчерашниот непотпишан текст на „Вечер“, објавен и на насловната страница.
„Откако ги поништија сите законски решенија за кои им стигна претставка, за уставните судии останаа само забраните за пушење на јавни места и во затворени простории, како и измените во Законот за јавен ред и мир, со кој се забранува секс на балкон. Судот се' уште не се изјаснил дали забраната за секс на сопствен балкон е уставна или не. Тоа се однесува и за пушењето“, пишува „Вечер“.
Во соопштението испратено до сите медиуми портпаролот на Уставен суд, Југослав Миленковиќ, во име на институцијата што ја претставува вели дека се „запрепастени од формата преку која е манифестирана некултура, попрецизно, простотилак“.
Во однос на содржината, пак, ќе укажат дека Судот досега не расправал за прашања околу сексот, поради што написот се заснова на невистини.
„Доколку, пак, авторот на текстот, весникот и нивните ментори се чувствуваат засегнати околу сексот, не треба да се плашат од определбите на Судот во таа сфера и можат слободно да го практикуваат каде што сакаат во рамките на пристојноста и моралните вредности“, поентираат од Уставен суд.
|