Потрошувачките кредити мора да паднат
Под притисок на Законот за облигациони односи, Банките од 1 јули ќе мора да ги сведат каматите на овие кредити до 13 отсто
Соња Маџовска
Речиси сите потрошувачки кредити од наредната недела ќе поевтинат, дури и за три отсто. Банките, под притисок на Законот за облигациони односи и со падот на референтната каматна стапка, од 1 јули ќе мора да ги сведат каматите на потрошувачките и на денарските кредити до 13 отсто. Бидејќи овие кредити најлесно се одобруваат, некои и без поголема процедура и обезбедувања, значи дека имаат и највисоки камати, кои достигнуваат до 16 отсто.
Ги анализиравме кредитите во трите поголеми банки. Во НЛБ Тутунска банка ќе поевтинат таканаречените „виолетов“ и „сребрен“ потрошувачки кредит за кои каматата се движи од над 13 отсто, па 15,7 се' до 16 проценти, кој е најскап кредит, а е наменет за пензионерите. За Стопанска банка граѓаните најмногу ги интересира тоа што ќе се намали каматата на често користениот О.К. кредит, кој има камата од 14,09 отсто за оние што примаат плата преку оваа банка, а до 15,6 проценти за корисниците на овој кредит, но кои не земаат плата преку Стопанска. Во оваа банка ќе паднат и каматите на други потрошувачки кредити, кои се движат од 13 до 16 отсто. Тоа се најчесто денарски потрошувачки и ненаменски кредити. Станбените и автомобилските кредити нема да поевтинат, бидејќи каматите за овие заеми во поголемиот број банки се под 10 отсто. Во Комерцијална банка најскапи кредити, исто така, се ненаменските и потрошувачките, чии камати достигнуваат до 15,5 отсто. Ќе се намалат и каматите на некои кредитни картички.
Иако, банките очигледно се упорни и отворено кажаа дека за да дојде до поголемо намалување на каматите на сите кредити ќе чекаат Народна банка на Македонија да ја намали и задолжителната резерва. Сега, според Законот за облигации, ќе искористат оние што барем имаат потрошувачки кредити.
„Ќе поевтинат денарските и потрошувачките кредити поради падот на референтната каматна стапка. Тоа се законски усогласувања со Законот за облигациони односи. За поголем пад на каматите не е репер само референтната каматна стапка. Ако веќе се релаксира монетарната политика треба да се размислува и за намалување на задолжителната резерва“, објаснува Срѓан Крстиќ, директор на Шпаркасе банка. Тој вели дека за многу мал процент ќе има корекција и на девизните кредити што се врзани со Еуриборот.
И од ТТК банка велат дека ќе се намалат каматните стапки кои се сега повисоки за ненаменските кредити, потрошувачки и кредитите со послабо обезбедување. „Најчесто овие типови кредити имаат повисоки каматни стапки од очекуваната законска казнена камата, која ќе стартува од 1 јули, па кај нив ќе се очекува и најголемо намалување. Банките сега нудат кредити со посигурно обезбедување за пониски каматни стапки. На пример, со хипотека за 13-14 отсто, а потрошувачки за 15-16 отсто. Во ваков случај со намалувањето на законската казнена каматна стапка потрошувачкиот кредит би се намалил од 16 отсто на 13 отсто и логично е да се намали за малку и кредитот со посигурно обезбедување. Значи, промената на референтната каматна стапка повлекува промени во севкупните производни портфолија на банките“, вели Елена Младеновска-Јеленковиќ од ТТК банка.
Според Законот за облигации, од 1 јули највисоката банкарска камата за граѓаните мора да биде до 13 проценти, а за фирмите до 15 отсто. Со овој Закон лимитирана е законската затезна камата или казнена камата на пет плус осум или 13 проценти. Од друга страна, договорната каматна стапка за продуктот не смее да биде повисока од казнената, што значи дека сите продукти што банките ги продавале над 13 отсто, каматни стапките ќе паднат. Од февруари казнената камата за денарските кредити се пресметува на тој начин што се зема основната камата на НБМ плус осум проценти за граѓани, а за фирмите се зема основната плус 10 отсто. Законот предвидува два пати годишно, во јануари и во јули, да се коригира основата, ако во меѓувреме имало промени на каматата на НБМ, а во овие месеци имаше неколку намалувања на основната камата. Според банкарите, падот на активните камати ќе предизвика и пад на каматните стапки и на депозитите. Инаку, банкарите воопшто не го поддржуваа овој Закон и неколку пати бараа негово одложување. (С.М.) |