Основците се' уште ги чекаат лаптопите
Во основните училишта наставата се' уште се одвива класично, иако компјутерите требаше да почнат да се користат
Лаптоп-компјутерите наместо во рацете на основците, се чуваат под клуч. Така и оваа информатичка опрема наменета за најмалите ја доживеа истата судбина како и стартот на проектот „Компјутер за секое дете“.
Во основните училишта наставата се' уште се одвива класично, иако според најавите од ресорното Министерство, компјутерите требаше да почнат да се користат од оваа учебна година. Засега преносни компјутери користат само одделенските наставници, но тие им служат само како потсетник што треба да предаваат, бидејќи на нив ги пиш��ваат дневните активности. Во училиштата велат дека иако не ги користат, сепак, имаат корист од овие компјутери, бидејќи им заштедуваат хартија. Не се знае кога ќе профункционира проектот лаптоп за основците и за наставниците, иако заврши обуката на дури 7.000 одделенски наставници за тоа како да ги користат компјутерите.
„Лаптопите ги чуваме во посебна просторија и сега чекаме лозинка од Министерството за да може да профункционираат“, вели Елка Даскалова, директорка на Основното училиште „Вера Циривири-Трена“. Сепак, според неа, основците одат во друга просторија и ги користат компјутерите за учениците од погорните класови што беа дел од проектот „Компјутер за секое дете“.
Компјутерите, објаснува таа, нема да се користат постојано, туку комбинирано во текот на предавањето кога учениците ќе треба да цртаат или, пак, да пополнуваат тестови.
Раководителот за информатичко општество во Министерството за образование и наука, Фисник Марку, вели дека во тек е процесот на инсталирање на лаптоп-компјутерите. Тој додава дека децата ќе ги чуваат овие компјутери во посебни ормарчиња.
Сп��ред проектот, предвидено е да се набават 75 илјади преносни компјутери за основците и за наставниците во основните и во средните училишта, за што беше најавено дека ќе се издвојат 10 милиони евра. Претходно, училиштата добија компјутери наменети за учениците во основните и во средните училишта како дел од проектот „Компјутер за секое дете“, но тој се реализираше со низа пропусти за на крајот голем дел од компјутерите да бидат оштетени или украдени од самите ученици. (Ж.Х.З) |