Нема закани за безбедноста
„Безбедносната состојба во Македонија веќе подолг период е непроменета. Непроменета во позитивна смисла на зборот, бидејќи таа е мирна, без никакви индикатори што би значеле сериозна закана за безбедносната состојба во Македонија“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во интервју за Радио Слободна Европа. Таа воопшто не се согласува со констатацијата дека се „ловат ситни риби“ во криминалот и оти недостасува поодлучна борба со криминалните банди, со мафијата, со подземјето.
„Не се согласувам од прости причини што не е поткрепена со аргументи. Значи, ако зборуваме за поединечен впечаток тоа е легитимно, но не значи дека е аргументирано и издржано. Но, ако зборуваме за фактите, тие зборуваат за нешто сосема друго. Имено, фактите говорат дека МВР во која било област што сакаме да ја анализираме бележи подобрени резултати во изминативе четири години. Впрочем, веќе и бројните случаи што добиваат судска завршница само ја потврдуваат борбата против криминалот што во континуитет ја водиме“, истакна Јанкулоска.
Според министерката за внатрешни работи, факт е оти имало настани што од една страна го привлекле вниманието на јавноста и сосема легитимно создале загриженост во смисла на тоа како институциите ќе се справат со овие настани. „Но, МВР, во рамките на своите професионални обврски и активности по однос на овие настани, реагирало соодветно, брзо и тие веќе добиваат една институционална завршница“, вели Јанкуловска во интервјуто за Радио Слободна Европа. (Д.Р.) |