Кафеанџиите се залепија до излозите

В понеделник ќе биде дефинирана шемата за поставување на масите и столовите
Иако кафеанџиите од улица „Македонија“ и кеј „13 Ноември“ веќе три месеци ја тераат летната шема, тие дури в понеделник ќе знаат, конечно, до каде можат да ги распостилаат масите и столовите. Градот Скопје во изминатата недела на терен ја снимаше ситуацијата и го испитуваше визуелниот ефект од досегашните состојби, а ги имаше предвид и последните предлози за начинот на поставување на инвентарот.
На кафеанџиите од улицата „Македонија“ од неодамна им е сугерирано меѓу излозите на локалите и поставените маси и столови воопшто да нема празен простор, а инвентарот да им биде поставен во должина од најмногу 5 метри од излогот. На кејот, пак, маси може да има до четири метри од излозите, што, генерално, е само навидум идентичен распоред како и во изминативе години. И годинава кафеанџиите го поставуваат инвентарот врз основа на поединечни елаборати, но разликата е што сега не смеат да остават коридор меѓу масите и излозите на дуќаните.
Од Град Скопје објаснуваат дека сегашнава ситуација, всушност, е испитување на визуелниот ефект. Посочуваат дека метражата за оддалеченост на инвентарот од локалот не е наведена во Правилникот за поставување урбана опрема. Тоа се дефинирало со елаборатите.
„И досега начелно важеа овие правила, но не беше унифицирано за сите кафулиња. Деновиве инспекцијата е на терен за да утврди дали е пофункционално, првенствено, во интерес на пешачките зони, масите да се залепени или одделени од излозите. В понеделник и дефинитивно ќе биде утврдено по која шема кафеанџиите ќе треба да го постават инвентарот“, рекоа вчера од Град Скопје.
Не е исклучена можноста предложените должини да се намалат или да се зголемат, се' со цел кафеанџиите од „Македонија“ да не бидат оштетени во однос на оние од кејот, имајќи предвид дека кафулињата покрај Вардар имаат на располагање далеку поголем простор. (Дс.Т.)
|