„Економист“
Добар пример за комеморација
Во почетокот од годинава Скопје им се приклучи на Ерусалим, Берлин, Париз и на Вашингтон со отворањето музеј посветен на холокаустот
На Балканот луѓето се сеќаваат. Во почетокот од годинава Скопје им се приклучи на Ерусалим, Берлин, Париз и на Вашингтон со отворањето музеј посветен на холокаустот. Тоа, исто така, беше и сеќавање на еврејската заедница во Македонија што речиси беше целосно истребена за време на Втората светска војна.
Со оглед на фактот дека судбината на Евреите од Полска до Франција, па дури и до Солун, во грчкиот дел на историска Македонија, е релативно добро позната, онаа за Евреите од делот на Македонија, кој едно време беше дел од Југославија, не е. Евреите живееле тука од времето на Александар, вели директорот на музејот, Горан Садикарио. Но, нивната историја радикално се менува по истерувањето на Евреите од Шпанија и од Португалија по 1492 година. Голем број бегалци ја прифатија поканата да се населат во отоманските територии, вклучувајќ�� ја и Македонија. Тие живееја во Скопје, Штип и особено во Битола, која порано беше позната како Монастир, а зборуваа ладино или еврејско-шпански јазик.
Во 1943 година Бугарите, кои ја окупираа Македонија (и кои ги заштитија своите еврејски државјани), собраа и депортираа 7.148 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка. Никој не се врати. Од еврејското население пред војната, кое изнесуваше 8.000 луѓе, по војната останаа само 350. Денес заедницата брои околу 200 лица.
Првата работа што ги пречекува посетителите на музејот е споменикот со дигитални фоторамки во кои наизменично се менуваат сликите на починатите, вклучувајќи и 3.500 фотографии од лични карти што Бугарите ги бараа за битолските Евреи. Музејот се' уште не е завршен, но денес неговата главна поставка ја пренесува историјата, не само на сефардските Евреи во Македонија, туку и на оние од другите делови на Балканот, особено од поранешна Југославија. Она што е впечатливо е дека при споредба, на пример, со музеите во Париз и во Берлин, се забележува недостигот од предмети. „Заедницата беше толку детаљно збришана што не остана речиси ништо“, вели Садикарио.
Со децении местото каде што новиот музеј е изграден беше парче земја што се користеше како автобуска станица. Целата област, која беше повеќе или помалку празна, беше старото Еврејско Маало на Скопје, а повеќето од куќите се урнаа во катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Кога македонските власти ја почнаа својата посткомунистичка програма за враќање на имотот пред речиси една деценија, беше откриено дека нема наследници на голем дел од поранешниот еврејски имот. Па, така беше создаден фонд што се одлучи за изградба на музеј.
Сеќавањето за оваа заедница е зачувано од заборав на начин што не е ниту наметлив, ниту политички, ниту, пак, полн со студени емоции. Можеби тој ќе послужи како пример за достоинствено паметење на Балканот во годините што доаѓаат. (Економист) |