Попрво жена премиер отколку маж домаќин
Жената се' уште мора да балансира меѓу обврските во домот и желбата да изгради кариера
Сања Наумовска
Жената полесно ќе стане премиер или претседател на државата отколку што ќе добие помош од мажот дома. Традиционалните вредности се' уште владеат во македонското семејство, а жената не добива вистинска можност и поддршка за своја еманципација. Податоците за родовата нееднаквост во Македонија се поразителни и покажуваат дека само 29,1 процент од жените се вработени. Тие што работат не доаѓаат лесно до раководните функции ниту, пак, примаат иста плата со машките колеги. Жената мора да балансира меѓу кариерата и домашните обврски, бидејќи од државата не добива никаква помош во згрижувањето на децата и постарите членови на семејството. Иако декларативно мажите и жените имаат исти можности при вработувањето, во реалноста работодавците се скептични кога вработуваат жена. Од нив или бараат да потпишат изјави дека одреден период нема да заминат на породилно отсуство или, пак, им го ограничуваат времето што можат да го поминат дома со децата.
Според истражувањето „Жените во економијата“ на организацијата „Реактор-истражување во акција“, направено со 1.600 жени во четири општини, голем број од припадничките на понежниот пол воопшто и не ја препознаваат родовата нееднаквост. За третина од нив е нормално мажот да не помага дома, па оттука не се ни обидуваат да направат баланс во семејните обврски.
Сепак, статистиките покажуваат дека се' поголем број од жените сакаат да работат, бидејќи личните примања ги сметаат за многу важни. Над 90 проценти од испитаниците сакаат да бидат вработени, а само 9 проценти се домаќинки по свој избор. Но, желбите тешко ги остваруваат во реалноста, за што зборува фактот дека само 10 проценти од жените се наоѓаат на раководни позиции. Тој број е многу помал во приватниот сектор, каде што и разликите во примањата меѓу мажите и жените е најголем. Во просек жените земаат од 20 до 28 проценти помалку пари за исто работно место, а во приватниот сектор таа разлика достигнува и до 50 проценти.
„Не е доволно само да се промовира родовата еднаквост, туку државата мора да воспостави систем со кој на жената ќе и' овозможи полесно да менаџира со домашните обврски и да има време да мисли на кариерата. Тоа, според препораките на самите жени, ќе се постигне со зголемување на бројот на центрите за згрижување на децата и старите лица, како и овозможувањето жените да работат со скратено време или, пак, од дома“, велат од „Реактор-истражување во акција“. Државата во Националната стратегија за вработување предвидува дека само 30 проценти од жените треба да бидат вработени и тоа речиси е исполнето, информираат од организацијата. Сепак, искуствата од Европа или САД покажуваат дека тенденцијата мора да биде најмалку 50 проценети, за што претходно мора да се создадат услови. |